Жан Митрев ја изведе четвртата успешна автотрансплантација на срце

Објавено на 29.12.2017 во 22:44:04 часот | Здравје

Вчера, во болницата ЖАН МИТРЕВ, доктор Митрев и неговиот тим извршија уште една ретка операција - автотрансплантација на срце на 64- годишна пациентка која имала терминална валвуларна болест.

„Овие пациенти имаат огромно проширување на преткоморите на срцето. Најчесто, пациенти со вакви промени ретко преживуваат бидејќи се случува да им се откачи тромб и да предизвика мозочен или срцев удар. Оваа пациентка е дојдена на време кај нас.

Единствено решение за вакви пациенти е автотрансплантација на срце“, изјави д-р Митрев при првата посета на пациентката. На денот после операцијата, пациентката е во добра и стабилна состојба, без компликации. Автотрансплантацијата на срце, како процедура, ги има истите фази како трансплатанцијата на срце од друг донор. Разликата е во тоа што кај автотрансплантацијата на срце се реконструира срцето на пациентот на кого му се прави интервенцијата.

Ова е четврта ваква операција на д-р Жан Митрев од 2000-тата година до сега. На пациенти после ваква ретка интервенција им се продолжува животот со години. Последната пациентка со ваква интервенција живееше 13 години после успешната автотрансплантација на срце.

Д-р Жан Митрев и неговиот тим, уште еднаш ја реафирмираа потребата од добивање на дозвола за трансплантација на органи и ткива во болницата ЖАН МИТРЕВ, каде ги има сите потребни услови и кадар за продолжување на живот на многу пациенти од земјата и регионот.

Според извештајот на СЗО, на глобално ниво, кардиоваскуларните болести се број 1 по смртност и 17.7 милиони луѓе годишно умираат од кардиоваскуларни болести.

 

 

* реклами:

 

 

Здравје

Македонија