ОТВОРЕНА НОВАТА ГРАНДИОЗНА АМБАСАДА НА САД ВО ЛОНДОН ВРЕДНА 1 МИЛИЈАРДА ДОЛАРИ

Објавено на 16.01.2018 во 23:23:34 часот | Свет

Новата американската Амбасада во Лондон денеска беше дискретно отворена, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека нема да присуствува на свеченото отворање на зградата, која ја оцени прескапа и ексцентрична.

– Причината зошто го откажав моето патување во Лондон е бидејќи не сум голем обожавател на администрацијата на Барак Обама, која ја продаде амбасадата со најдобра локација во градот за „кикиритки“, со цел да изгради нова на полоша локација, за 1,2 милијарди долари. Лош договор. Тие сакаа да ја пресечам лентата – НЕ“, напиша Трамп на Твитер.

Сепак, на веб-страницата на амбасадата се вели дека владата на САД ја купила локацијата за новата амбасада во 2008 година, пред Барак Обама да ја преземе функцијата во јануари 2009 година. Старата зграда беше продадена во 2009 година.

Со бројни полициски сили, дипломатскиот персонал пристигна во новите простории во југозападниот дел на Лондон.

Вработените во американската амбасада во Лондон од денеска ќе престојуваат во новата зграда, 12-катен облакодер, вреден една милијарда долари, со поглед на реката Темза.

Локацијата на јужниот брег на реката е во срцето на огромен проект за ревитализација на поранешната индустриска зона позната како Најн елмс“ (Nine Elms). Стационирана во она што ќе биде урбан парк, зградата ќе биде нов „дом“ на 800 вработени и околу 1.000 посетители секојдневно.

Стејт департментот распиша конкурс за дизајнирање на новата зграда во 2008 година. Тогаш амбасадата беше опишана како „физичка манифестација на долгорочната посветеност на специјалните односи меѓу САД и Обединетото Кралство”.

Стаклената структура „дава форма на клучните демократски вредности: транспарентност, отвореност и еднаквост“, беше наведено во соопштението од Стејт департментот. Изградбата на објектот вреден еден милијарда долари беше целосно финансирана од продажбата на други имоти во Лондон.

 

 

* реклами:

 

 

Свет

Македонија