ОВОЈ ЧОВЕК Е ЕДИНСТВЕНАТА НАДЕЖ ВМРО ДПМНЕ ДА СЕ ВРАТИ НА ВЛАСТ ВО НАРЕДНИТЕ 20-30 ГОДИНИ - МИТКО ЈАНЧЕВ: Не смееме да дозволиме Груевски да има големо влијание понатаму во ВМРО ДПМНЕ!

Објавено на 29.01.2018 во 13:58:57 часот | Македонија

„Ако сакаме да дојдеме до раководни функции, треба да понудиме нешто ново“ | Фото: БИРН

Само еден град во Македонија ве пречекува со големо буре на влезот. Кавадарци, домот на лозјето, виното, индустријата од постаро и од поново време, но и на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е градот на Митко Јанчев, еден од само петтемина градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и единствен што раководи градска општина. На 36 години стана прв човек на овој град и потпретседател на најголемата опозициска партија. За македонски услови неговата возраст не е рекорд ако се знаат политичките кариери на Диме Спасов, Спиро Ристовски и Мила Царовска, па дури и на Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски и на Никола Груевски.

Но рекордот на Јанчев е во тоа што до пред неколку месеци тој воопшто не беше споменуван ниту како член на ВМРО-ДПМНЕ, а сега одеднаш е градоначалник и истовремено потпретседател, прескокнувајќи голем број од ветераните на партијата. Не дека беше анонимен, на целата јавност и беше познат како сопственик на фабриката за пијалаци „Кожувчанка“, но реши да го замени приватниот сектор со јавниот.

„Јавното работење е неспоредливо со приватното. Наидовме на, не сакам да кажам заспана, можеби е лош збор, но некоординирана и неусогласена јавна администрација. Потребните кадри ги има, на хартија се обележани, и со физичката присутност се тука, меѓутоа во праксата не функционираше тоа така“, ги раскажува Јанчев првите искуства откако го заменил бизнисот со политиката.

Јанчев е еден од луѓето на кои им припадна задачата да го ребрендираат ВМРО-ДПМНЕ во модерна европска партија. И самиот е свесен дека тоа нема да биде лесно.

„Како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и како млад човек и човек дојден од бизнис-заедницата, ќе се трудам и ќе дадам се од самиот себе за да донесам модернизација на партијата, да донесеме еден нов вокабулар и ново функционирање со самото членство и со самото општество. Тоа е моето гледање, дека треба да се донесат нови идеи, модернизација на партијата. Ако сакаме да дојдеме до она што значи власт или ако сакаме да дојдеме до раководни функции во државата, треба да понудиме нешто ново“, вели новиот партиски потпретседател.

Споменици нема ниту во програмите, ниту во намерите

Едно од најстарите буриња на „Тиквеш“ е поставено на влезот од градот | Фото: БИРН

Јанчев нема спектакуларни најави за тоа што сака да направи со Кавадарци за четири години. Што не е многу вообичаено за македонски политичар, особено ако доаѓа од партија што издаваше програми и отчети на илјадници страници. Како што објаснува, тој само сака општината редовно да се одржува и да и се сервисираат сите основни потреби.

„Можеби ќе звучам малку нескромно, меѓутоа гледам во мала рака да добиеме признание од надворешни граници дека сме најдобра општина во Република Македонија во делот на среденост, организираност и функционирање. Кавадарци го гледам како модерен град, културен град, со доста развиена инфраструктура, и пред се безбеден и чист град самите жители“, најавува градоначалникот.

Го почна мандатот со чистење на општинската зграда од боите на Шарената револуција, и го продолжи со акции за чистење на ѓубрето од целиот град. Нема грандиозни проекти, нема украсувања, нема дури ни да се преправа спомен-костурницата на жртвите во НОБ, бруталистичка градба од 1976 година, изградена во стилот на објектите што поддржувачите на „Скопје 2014“ ги нарекуваа „бетонски грдосии“.

Со проектот „Мој општинар“, општинарот е постојано на терен и гледа каде треба да се исчисти, да се уреди зеленилото, да се поправат клупите или тротоарите. Граѓаните го имаат мобилниот телефон на својот општинар и можат да му се обратат за сите потреби од локална надлежност

„Се што е спомен-обележје, без разлика од кој период е, како општина имаме обврска да го негуваме и сочуваме. Ако ви беше прашањето дали ќе градиме нови споменици, немаме такво нешто ниту во програмата, ниту во главите“, истакнува Јанчев.

Неговиот претходник Александар Панов исто така беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, но тој влегуваше со големи ветувања за деловен трговски центар, аква-парк, нова индустриска зона и други, кои не ги исполни. Податоците на БИРН покажуваат дека во неговите два мандати биле планирани 9,5 милиони евра за капитални инвестиции, но се реализирале само 4,7 милиони.

Дека приоритет на Јанчев е слоганот „управуваме“, наместо досега познатиот „градиме“, покажува и тоа што досега неговиот главен проект е „Мој општинар“, со кој ја подели општината на повеќе реони и за секој од нив назначи одговорно лице од администрацијата. Општинарот е постојано на терен и гледа каде треба да се исчисти, да се уреди зеленилото, да се поправат клупите или тротоарите. Граѓаните го имаат мобилниот телефон на својот општинар и можат да му се обратат за сите потреби од локална надлежност.

„Граѓаните повторно можат да си дојдат во општината и да се обратат во секторите во секој момент. Ние како општина заедно со нашите општинари излегуваме на терен, не само за да ни се обратат граѓаните, туку и за да си ги согледуваме нашите тековни проблеми. Поседуваме и општински имот општинска урбана опрема, поседуваме и јавни претпријатија под нас, значи ние со „Мој општинар“ излегуваме во пресрет на граѓаните за да ни се обратат, но и во наш пресрет да видиме дали јавните претпријатија си ја извршуваат својата функција“, го објаснува Јанчев проектот.

Тој може да надгледува добар дел од градот од неговата канцеларија на горниот кат од општинската зграда, сместена на плоштадот што се уште го носи името на Маршал Тито. Доволно е Јанчев да стане од градоначалничкото столче под сликата од Тиквешкото востание и да се доближи до прозорецот, од кој се гледаат улиците што водат од влезовите на Кавадарци до плоштадот во центарот.

Пензионерски град претпладне, младолик попладне

За што стигнува пензијата и од каде да се купат дрва се главните теми за разговор на плоштадот наутро | Фото: БИРН

Претпладне овој плоштад е преполн со пензионери, толку многу што на моменти местото личи на митинг. Шетаат на зимското сонце, разговараат за тоа од каде купиле дрва, што може да се купи со пензија од 10.000, а што од 17.000 денари, и неизбежното, кој починал неодамна.

„Дрва, струја, сметки и толку е пензијата. Ако ни дојде човек, треба сам да си донесе. Ракија имаме сите, ама ако сака сокче или мезе, треба сам да си купи“, ни вели Киро, еден од десетмината пензионери собрани околу една од клупите на плоштадот, со канти во облик на буре до нив.

Но каде се младите?

„Младите си одат, син ми е инженер, отиде во Англија и не мисли да се врати“, додава Јове, уште еден од локалните пензионери.

Има работа и тука, додаваат другите, но треба да се работи лозјето, а од него тешко се живее. Имало вработувања и во фабриките, но платите биле мали, а условите лоши.

Во соседното кафуле, членовите на локалниот велосипедски клуб прават планови за организирање планински велосипедски тури низ околината на Кавадарци. Кога им го раскажавме нашиот разговор со пензионерите, застанаа во одбрана на честа на градот.

„Тоа нема врска, ако останете до три часот, ќе видите колку млади има. Но сега се на работа. Ова е жив град“, ни рекоа тие.

Не беше тешко да се наметне темата што мислат за новиот градоначалник. Сите не прашаа зошто сме дошле во Кавадарци и им одговоривме дека сме тука за да се видиме со Јанчев. Коментарите им беа воздржани, со оглед дека тој е градоначалник само два месеци. Но беа генерално задоволни што млад и амбициозен човек го презел раководењето со општината, додавајќи дека неговата личност била пресудна за победата, бидејќи одамна го познавале и него и неговото семејство.

Должна почит кон Груевски

„Со апсењето на пратениците станавме многу претпазливи во врска со организирањето протести“ | Фото: БИРН

Самиот Јанчев, пак, има малку поинакви проценки за тоа колку неговата личност му ја донела победата, а колку партијата што го кандидирала.

„Можеби пресудно беше личноста, што придонесе да се издејствува победа, меѓутоа потенцијалната каписла и оствареноста до некои 70-80 отсто е партискиот момент“, смета тој.

Вели дека има и добри и лоши страни да се биде опозициски градоначалник кога владејачката партија има целосна доминација и на локално ниво.

„Позитивното е што имам поголема посветеност од својата партија како градоначалник. Значи целата поддршка е фокусирана во еден град. Меѓутоа имаме и голема одговорност, и јас како човек и како град, затоа што сме единствен град од една партија која што сме репер и мерило. Огледалото е кај нас, ние сме тие што треба да одговориме во име на партијата и да кажеме – да, еве, ние го направивме тоа и тоа. Така да, коефициентот ни е 100:1 во делот на одговорноста“, вели Јанчев.

Во земја што постојано добиваше забелешки за испреплетеност меѓу партијата и државата, тој се залага за нивно целосно одвојување.

И покрај тоа што повеќе пати нагласи дека партијата треба да понуди нешто ново и дека неговата општина треба да биде репер за тоа, тој сепак вели дека ребрендирањето на партијата е можно и без таа да се дистанцира од наследството на поранешниот лидер Никола Груевски.

„Гледајте, Никола Груевски беше премиер на државата осум или девет години. Претседател на партијата ми се чини дека беше 14 години. Денеска тој има титула на почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Јас имам почит кон неговата титула, меѓутоа во делот на неговото инволвирање или понатамошно етаблирање во партијата, мислам дека нема ингеренции и дека не треба да бидеме ние наследство на никого. Како што кажав, треба да почнеме од позитивна нула, да се градиме нанапред како помодерно европско општество. Но не би рекол ни дека треба да го заборавиме и да ги деградираме сите негови моменти“, смета Јанчев.

Слично као и лидерот Мицковски, патот напред го гледа преку развојот на ВМРО-ДПМНЕ како модерна, европска и прозападно ориентирана партија.

Вели дека досега немал ниту опструкции од централната власт бидејќи припаѓа на друга политичка партија, ниту притисоци од својата партија за вработување партиски кадри и за други услуги. Во земја што постојано добиваше забелешки за испреплетеност меѓу партијата и државата, тој се залага за нивно целосно одвојување.

„Како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и како градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ  одговорно кажувам дека ВМРО-ДПМНЕ како партија не е инволвирана во општинското работење. Нормално, партиските стратегии и цели во делот на локалниот економски развој јас ги спроведувам и ги пласирам, меѓутоа политичките цели не ги инволвирам и не ги имплементирам во делот на општинското работење“, категоричен е Јанчев.

Внимателно со нови протести

Градот живнува попладне, кога помладите излегуваат од работа | Фото: БИРН

Токму Јанчев беше човекот што го најави враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за расправата за Законот за употреба на јазиците. Партијата поднесе 32 илјади амандмани и бара повлекување на законот. Овој потег доаѓа откако ВМРО-ДПМНЕ се соочуваше со критики од делови во јавноста дека е премногу пасивна во еден чувствителен период за националните прашања, како спорот за името, употребата на албанскиот јазик и други. Но тој потсетува која беше причината за нивното повлекување, притворите на шестмина пратеници и на триесетина други лица поради насилниот инцидент од 27 април минатата година. Како ќе работи партијата понатаму, ќе зависи од состојбата со притворените.

„Не смееме да ги заборавиме тие луѓе, сите си имаат семејства, си имаат деца, си имаат роднини кои што ги очекуваат да се вратат дома. Ако ме прашате за личен став, јас сум за да функционира парламентот, да имаме конструктивни расправи, да имаме демократско општество, меѓутоа не би можел тоа да го донесам како одлука додека не се реши статусот на притворените, бидејќи гледате дека можеби и неосновано им се продолжува притворот. Една од забелешките на меѓународната заедница беше дека претходната влада притворот го користи во стратешки цели. Мислам дека таа пракса треба да прекине“, нагласува Јанчев.

Додека не се осигураме дека тоа можеме да го контролираме до граница на одговорност, мислам дека нема да донесеме одлука за јавни собирања

 Различни граѓански организации и иницијативи веќе организираат протести против употребата на јазиците и против промена на името, но ВМРО-ДПМНЕ нема планови да повикува на јавни собири.

„Со самото искуство, со апсењето на пратениците и на учесниците во демонстрациите и во влегувањето во Собранието, ние сме тука многу претпазливи за да не излезе некоја ситуација надвор од контрола. Затоа што знаете во политиката никогаш 2 и 2 не се 4. Може да организирате најдобронамерен граѓански собир, најдобронамерна граѓанска иницијатива во поддршка на граѓаните и во поддршка на Република Македонија, а може од трета страна да ви фузираат друга група и да излезе нешто друго. Значи додека не се осигураме дека тоа можеме да го контролираме до граница на одговорност, мислам дека нема да донесеме одлука за јавни собирања. Доколку биде по иницијатива на граѓаните, ние секогаш би застанале на страна на граѓаните“, порачува Јанчев.

Блокирани сметки за Законот за јазиците

Општините се презадолжени, а законот ќе ги заглави во нови трошоци, вели Јанчев | Фото: БИРН

Ако Законот за употреба на јазиците помине во парламентот, општината ќе се подготви да го применува. Но тој смета дека тоа би создало трошоци што голем број општини нема да може да ги покријат.

„Дали може или не може, како викаат, ако не може со помалку пари, со повеќе пари ќе може. Така што, мислам дека секоја општина, ако централната власт на државата донесе закон, ќе мора да се прилагоди на законската регулатива. А која е оправданоста и дали има буџет, тоа е веќе втора тема и втор момент. Во Република Македонија имаме повеќе од 22 општини со блокирани сметки. Имаме 22 општини со долгови над 20 милиони евра. И сега ако наметнеме дополнителни трошоци, некој треба тоа добро економски да го изменаџира, за да може да функционира. Законите се носат врз основа на потребите на граѓаните и врз основа на можностите на самите институции“, смета потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ходникот на Јанчев веќе се собрале десетина луѓе што чекаат состанок со него. На приемните денови тој прима и по стотина граѓани кои му се жалат за проблемите што ги имаат со институциите. За нас е време да продолжиме со разгледувањето на Кавадарци: кејот на реката Луда Мара што го уредија претходните градоначалници, паркот околу костурницата од кој се гледа замаглената панорама на градот, бунарот со капак како 16-крако сонце и мозаиците на Глигор Чемерски се меѓу неколкуте знаменитости што ги има овој град. Велосипедистите беа во право, попладне навистина има повеќе млади лица.

Фото: БИРН
 
Извор: Призма
Новинар: Гоце Трпковски

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет