МЕНАЏЕРСКОТО ТРИО ХАРИ КОСТОВ - ИЉО ИЉОСКИ - ШТЕРИЕВА ПРАВИ ЛОМ: Комерцијална банка АД Скопје со добивка од над 13 милиони евра за 2017!

Објавено на 30.01.2018 во 21:57:58 часот | Бизнис

Во периодот 01.01-31.12.2017 година Комерцијална банка АД Скопје оствари нето добивка за финансиската година во износ од 820,6 милиони денари наспроти 779,4 милиони денари остварена нето добивка во минатата година која бележи пораст од 5,3%.

Планираната бруто-добивка за 2017 година е остварена со 98,3%. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 14,2% повисока во однос на минатата година што се должи во најголем дел на зголемувањето на останатите приходи од дејноста (реализирани капитални добивки од продажба на преземени средства и од наплатени претходно отпишани побарувања).

Овој резултат Банката го оствари во услови на натамошно влошување на квалитетот на кредитното портфолио, при што негативните настани поврзани со работењето на неколку поголеми клиенти придонесоа загубата за оштетување на финансиските средства значително да ги надмине проекциите за годината. Поради тоа, Банката преземаше напори за надминување на состојбите преку прудентно управување со активата, спроведување организациски измени во насока на зајакнување на наплатата на проблематичните кредити и продолжи со поинтензивни активности за продажба на преземениот имот по основ на ненаплатени побарувања.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 5.165,8 милиони денари и бележат зголемување од 10,2% во однос на минатата година.

Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2017 година изнесуваат 1.769,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 3,3% како резултат на зголемените расходи за вработените и останати расходи од дејноста. Планот е остварен со 98,3%.

Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа на 31.12.2017 година достигна износ од 2.381,3 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележи зголемување од 35,8%. И покрај планираното натамошно влошување на кредитите на правни лица, нето-исправката на финансиските средства за 2017 година е значително зголемена во однос на планот како резултат на непредвидено влошување на состојбите кај неколку поголеми корпоративни клиенти.

Управен одбор




Хари Костов
Главен извршен директор
Претседател на Управниот одбор
ВСС Економски факултет
Стаж: Повеќе од 31 години, од кои повеќе од 16 години во Банката
Телефон: (02) 3 125-273, (02) 3 125-274
Факс: (02) 3 124-064
e-mail: hari.kostov@kb.com.mk

Роден е во с. Пишица, Пробиштип, во 1959 година. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Кариерата ја започнува во Владата на Република Македонија во 1983 година, каде, меѓу другото, работи како Стручен соработник во Кабинетот на Претседателот, Советник во Кабинетот на Претседателот, Советник во Извршниот совет на Собранието на РМ, Советник во Кабинетот на Претседателот на Владата, за во 1994 година да биде именуван за Заменик-министер за финансии. Во 1995 година заминува во САД како Помошник-извршен директор во Светска банка. Во Комерцијална банка АД Скопје доаѓа како Генерален директор во 1996 година. Во периодот од 2002 до 2004 година повторно заминува во Владата на Република Македонија како Министер за внатрешни работи, а подоцна станува Премиер на Владата на Република Македонија. Од 2004 година продолжува да работи во Комерцијална банка АД Скопје како Прв генерален директор, каде од 2008 година ја извршува функцијата Главен извршен директор и е Претседател на Управниот одбор. 



Илија Илоски
Главен оперативен директор
Член на Управниот одбор
ВСС Економски факултет
Стаж: Повеќе од 30 години, од кои повеќе од 9 години во Банката
Телефон: (02) 3 125-273, (02) 3 125-274
Факс: (02) 3 124-064
e-mail: ilija.iloski@kb.com.mk

Роден е во с. Велмеј, Охрид, во 1958 година. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Кариерата ја започнува во „ЕМО“ Охрид во 1984 година, каде работи сe до 1995 година, напредувајќи од Референт за финансии во Раководител по финансии, Финансиски директор, Помошник-генерален директор за финансии, Заменик-генерален директор, до Генерален директор. Како Генерален директор во Царинската управа на Република Македонија работи до 1998 година, а до 2003 година како пратеник и член на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија. Од 2003 година работи како Генерален директор во Македонска банка за поддршка на развојот, а од 2004 година повторно во Царинската управа на Република Македонија како Генерален директор. Во Комерцијална банка АД Скопје доаѓа во 2006 година како Генерален директор, a од 2008 година ја извршува функцијата Главен оперативен директор и е член на Управниот одбор. 



Д-р Маја Стевкова Штериева
Главен финансов директор
Член на Управниот одбор
Доктор на економски науки
Стаж: Повеќе од 21 години, сите во Банката
Телефон: (02) 3 168-802
Факс: (02) 3 233-472
e-mail: maja.stevkova.sterieva@kb.com.mk 

Родена е во Скопје во 1970 година. Дипломира на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде подоцна завршува и магистерски студии по Монетарна економија. Во месец февруари 2012 година на Економски факултет при Универзитетот „Св.Кирил  и Методиј“ во Скопје, се стекна со научниот степен Доктор на економски науки. Своето работно искуство го започнува во Комерцијална банка АД Скопје во 1993 година во Секторот за односи со странство, работејќи како Референт, односно Самостоен референт во Дирекцијата за средства и ликвидност, а подоцна и како Координатор, односно Самостоен координатор во Секторот за деловна политика. Во 2002 година е назначена за Директор на Дирекцијата за управување со ризици, а во 2005 година за Директор на Секторот за управување со ризици и планирање. Од 2008 година ја извршува функцијата Главен финансов директор и е член на Управниот одбор.

 

 

* реклами:

 

 

Бизнис

Македонија