Николовски: Годинава славиме јубилеј, 70 години ракомет во Македонија

Објавено на 18.02.2018 во 21:43:19 часот | Спорт

Нема некој што, во Велес или државата, не ја познава ракометната легенда, Панче Николовски. Тој и денес, со своите 86 лета, секојдневно се движи низ улиците во градот. Постарите сограѓани го поздравуваат или му отпоздравуваат на врвниот поранешен спорист и тренер што до денешен ден живее со и за ракометот. Почетоците на Николовски се врзани за 1948 година, кога беше средношколец во Скопје и траат сеуште бидејќи секој разговор со него на оваа тема е драгоцен. Тој е алманах, книга недопишана чии први реченици секако започнуваат со неговата реченица „Ракоментот беше и сеуште е моја најголемата љубов и ми дава порив и покрај годините, да живеам со спортскиот дух“.

Нашата средба со Панче беше случајна. Се сретнавме на главната улица. Како и секој ден Панче иташе на средба со пријателите на која исклучиво се разговара за спортот. Штом ме забележа, се насмевна и ми рече:

„Годинава имаме јубилеј со кој цела Македонија треба да се гордее. Се навршуваат 70 години од почетокот на ракометната игра во Македонија. Седум децении ракомет. Тоа не е мала работа. Треба да се одбележи за да не се заборави. Сегашните и идни генерации треба да знаат дека Македонците беа меѓу првите во поранешна Југославија што почнаа да играат ракомет, најнапред голем, а од 1953 година и мал ракомет!“.

Потоа се надоврзаа моите следни прашања па наместо средбата со спортските ветерани одлучи да седнеме на еден кафе муабет. Јас прашував а доаенот и велешката легенда, Панче Николовски ми одговараше. Морав да го извадам бележникот имав податоци кои не смеат да не се забележат. Тој зборуваше, раскажуваше за почетоците на ракометната игра во Македонија потоа за Загреб, па за Белград и за Скопје каде во 1948 година почнал да се игра ракомет. Во тоа време Николовски бил ученик во ЕМУЦ „Здравко Цветковски а негов прв клуб бил РК „Работнички“ што бил формиран од општината со првиот тренер Славко Матовски.

По неколку месеци во градежно техничкото училиште и во Машката Гимназија биле формирани ракометни школи. Таму тренер во ракометната школа бил Војо Ѓорѓевиќ. РК „Работнички“ бил првиот клуб за голем ракомет. Во него тренирале и играле единаесет играчи. Тренинзите и натпреварите се одржувале на фудбалско игралиште. Во 1949 година клубот веќе се натпреварувал во Сојузната ракометна лига на Југославија. Интересот кај младите за оваа игра бил голем. Тренерот Матовски, бил на обука во Загреб по што имал многу работа, но имал и голем избор на играчи. Клубот не бил првак но, не бил ни последен во лигата туку во средината на табелата.

„Во 1949 година сите играчи од нашето училиште, меѓу кој бев и јас, поминавме и станавме членови на РК „Милиционер“, а потоа во РК „Работнички“. Покрај мене во тимот играше и мојот велешки другар Марко Тодоров. Бевме добри играчи. Интерес за ракомет пројавија и другите градови. По само една година од формирањето во Скопје, ракометен клуб беше формиран и во Велес.

Први играчи, кои беа иницијатори се Стево Крстев, Илија Алексовски - Гравчето, Мурџов, Ацо Вишинов, Карата а голман беше Томо Босилков. Потоа се формирани клубови во Прилеп, Битола и Неготино. Во Битола , беше формирана првата женска ракометна екипа во Македонија. Така селдеше формирањето на Републичка лига, а во 1951 година во Велес се одигра меѓународен ракометен натпревар со екипа од Германија“, додаде Николовски.

Тој е врвен ракометен стручњак. Со гордост продолжи да раскажува како во 1953 година во Велес е формиран РК „Работнички“. Дел од играчите од големиот поминале во малиот ракомет. Во него по враќањето од Скопје играл и Панче Николовски се до 1958 година. Тие години се формирале клубови во сите поголеми градови или една година откако се формираше Лигата во мал ракомет.

Се одржувале натпревари по реони како што биле велешки, битолски, скопски, кумановски, штипски. Во тоа време прв клуб што се натпреварува во Првата сојузна лига, се до 1966 година, бил РК „Работнички“ од Скопје. Со најдобрите ракометни клубови на Југославија, од Македонија се натпреваруваа и „Пелистер“ од Битола, „Вардар“ од Скопје и „Борец“ од Велес, кој на два пати играше во финалето на ракометниот Куп. Инаку, во втората лига на Југославија од Република Македонија се натпреваруваа ракометните екипи од Каварадци, Прилеп, Струга,Битоа и Велес.

„Кога „Борец“ играше во првата лига во Велес беше празник. Помеѓу седум и десет илјади љубители на ракометот седеа на градскиот стадион, каде што беше и ракометното игралиште, да ги бодрат своите миленици. Борец беше добра екипа. Редеше победи, но за жал, ниту еднаш не успеа да ја совлада екипата на тогашниот европски првак „Партизан“ од Бјеловар. Со „Борец“ ракометот стана спорт број еден во Велес. Градот живееше за ракометот. Ракометарите како Мијаков, Гајдов, Васков, браќата Киркови, Клинчаров, Димитровски, Чаве и други станаа симбол“, раскажуваше Николовски.

Освен што тој беше ракометар, во периодот од 1960 до 1985 година, беше тренер во ракометни клубови во Велес, Скопје, Свети Николе, Неготино и други градови. Николовски, досега за ракометот има издадено две книги „50 години ракомет во Македонија“ и стручната книга „Прирачник за ракометни тренери“.

На крајот, наместо поздрав ми рече: „Напиши годинава славиме 70 години од ракометот во Македонија. Тоа е голем јубилеј!“.

Извор: ДУМА

 

 

* реклами:

 

 

Спорт

Македонија