Што видовме сабајлево во Преспа? Четири политичари кои решиле да си ја заработат платата која ја земаат секој месец!

Објавено на 17.06.2018 во 14:12:50 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Иако договорот во мала Преспа е историски, во суштина тој е многу нормална работа. Четири политичари од две земји решиле да си ја заработат платата, имено да решат проблем, да склучат серија договори, да ги отворат границите и да им овозможат на своите граѓани непречен премин, трговија, безбедност, помалку омраза, помалку бирократски пречки...

Тоа е дечки, нема тука многу филозофија. Историски и револцуионерно е што на балканот ова однесување на политичари е вистинска реткост.

Наместо да си ја работат работата за која се платени, политичарите на балканот од границите прават непробојни бедеми, наместо да прават соработка шират омраза, наместо да им олеснат на граѓаните и бизнисите, тие со олеснуваат себе како да останат вечно на власт, додека крадат, а тој криминал го покриваат со популизам и патриотизам.

И затоа на Балканот платите се најниски од цела Европа. Затоа што наместо да тераме бизнис, трговија, туризам ние тераме војни, конфликти, конфронтации, ембарга, дипломатски војни кои траат со децении.

Најсреќни денеска се бизнисмените, постоечките и идните. Затоа што им се олесни бизнисот, им се обезбеди теренот, Македонија ќе се интегрира во ЕУ и НАТО, се отворија границите, ќе има серија на нови договори за избегнување на двојо оданочување и слично, ќе се градат нови гасоводи и далноводи, нови гранични премини, нови пруги и патишта, сега ќе почнат сериозно да се креваат и платите и вработеноста од двете страни на границата, особено од Македонска страна.

Фала ви Заев и Ципрас, Димитров и Коѕијас, што решивте да си ја заработите платата! За наше добро!!!

 

 

* реклами

 

 

Колумни

Македонија