Професоре Ферид Мухиќ, па и твоја Босна направи компромис со Дејтонскиот Мировен Договор, зошто не и даваш шанса и на Македонија да тргне напред?!

Објавено на 19.06.2018 во 12:35:44 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Се изненадив кога дознав дека денеска академик Ферид Мухиќ не гласал за ратификацијата на договорот...

Па зарем компромисите ви се толку омразени и неприфатливи професоре Мухиќ?

Па ако беше така тогаш војната во Босна не требаше никогаш да заврши...

Твоја Босна, наша драга и мила Босна, направи компромис со договорот во Дејтон и прифати на нејзина територија да има автономија, Република Српска која сега е како диво месо внатре во федерацијата.

Но мораше да се направи компромис за да се сопре крвопролевањето, за да се залечат раните, да се врати мирот, да се тргнат тенковите и топовите од ридовите над Сараево, да се сопре изолацијата, цената на едно кило шеќер и едно литро зејтин да не биде веќе 100 марки, како што беше 5 години за време на опсадата.

Децата да не мора да идат на школо преку тунели ископани во куќите, па наместо на улицата се движеа по дневните соби низ редица куќи за да ги избегнат снајперите.

Договорот од Дејтон се смета за предавство од сите народи, сите нешто изгубија во него, Србите го изгубија Сараево, Босанците ја изгубија Сребреница и Приједор, Хрватите останаа без своја автономна област во Босна...

Но се врати мирот, се врати спокојот, се врати надежта.

Зошто професоре Мухич не дозволувате и не помогнете и ние со Грците да се помириме, па макар нешто изгубеле и тие и ние?!

Вие сте филозоф, па зарем во животот не треба да се прават и порази и компромиси со цел затворање на конфликти и недоразбирања.

Ајде професоре, вие сте академик и во земјава и во Босна, познат сте писател професор пратеник, успешен човек, но дозволете илјадници млади луѓе да стигнат до успехот во животот овде во Македонија, отворете им шанси, и вас некој ви дал шанса како млад да успеете во животот, дајте и вие на следни генерации да имаат убав живот, не бидете себичен, ве молам.

И вие кога сте биле млад некој можел да тера принципи и да кочи договори и да ствара меѓународни конфиликти со соседите, тогаш наместо успешен академик може ќе сте завршеле како овчар или ѕидар, но некој ви дал шанса, ви створил услови за личен развој, тврдоста на политичките елити се одразува врз грбот на народот, имајте го тоа на ум.

Бидете политичар кој ќе им го олесни животот на младите а не да им го отежни воден од филозофските стојалишта за непокор и слично...

Водете хумана политика која како резултат ќе им го олесни животот на народите а нема вас да ве направи херој кој останал на барикадите и величина која треба да се опева во песните...

Бидете макар и предавник за да подарите на многу млади луѓе насмевки, успеси, радости, среќа, надеж, гордост наместо ужаси, тага, депресија, разочарувања, гнев, очај, безизлез...

Дозволете да има и една црна дамка на вашето богато километарско ЦВ, за да им се раздени и да ги огрее сонце стотици илјади луѓе кои бараат повисока плата, бараат работа, бараат среќа. А не обратно, да си го збогатите цв-то со податокот дека еве само Ферид Мухиќ беше маж во 2018-та но со тоа да им се стемни на илјадници луѓе или да си останат во тоа мракот балкански...

 

 

* реклами

 

 

Колумни

Македонија