ГОРАН МИЛЕВСКИ: Општина Битола ќе даде 100 000е на една мала група граѓани да си прават хотел?!?!

Објавено на 21.06.2018 во 16:32:21 часот | Македонија

 
Да се изјаснам и јас на оваа тема.

Ја поддржувам градоначалничката Наташа Петровска во нејзините намери да го врати во владение планинарскиот дом "Копанки".

За мене е нејасно како може Општината да финансира градба на објект кој е во приватна сопственост на планинарско друштво кое пак е во сопственост на неколку граѓани.

Ако планинарското друштво имаше искрени намери и желба за обнова на домот "Копанки", ако толку го сакаа Пелистер и рекреацијата, досега сопственоста ќе ја отстапеа на Општината односно на сите граѓани на Битола.

За мене е спорна и приватизацијата бидејќи домот "Копанки" бил даден на заедничко користење на планинарското друштво "Пелистер" и на скијакиот клуб "Пелистер".

Како во меѓувреме е направена катастарска измена од право на користење во право на сопственост во корист на планинарското друштво "Пелистер" и тоа без никаква согласност на ски клубот "Пелистер" е прашање кое треба да го одговорат надлежните органи.

Самата трансформација од право на користење во право на сопственост за мене лично е спорна и ме наведува да помислам или се посомневам дека некој имал намера да се стекне со противправно приграбување на вреден имот во Националниот парк Пелистер.

Затоа во случајов ја поздравувам иницијативата на независните советници од "Поинаку" дека за ова прашање пред да се донесе било каква одлука за доделување на средства треба да се отвори една поширока јавна дебата на која ќе се соочиме сите со нашите аргументи.

Тоа дека друштвото согласно Статут несмеело да оттуѓува имот, се оправдувања за мали деца. Статутите можат во секој момент да се променат или во друштвото да се именува нов одбор во кој по функција ќе членуваат Градоначалникот на Битола, претседателот на Советот, претставник на планинарите, претставник на ски клубот и еден претставник на ЕЛЕМ на пример.

Ако и мислиме добро на Битола и на Пелистер, ако немаме лукративни намери решение ќе изнајдеме.

За доброто на Битола и на Пелистер!

 

Советот на Општина Битола денес донесе заклучок за изнаоѓање на решение за санација на опожарениот дом „Копанки“. Според заклучокот, Советот се обврзува дека ќе обезбеди 100 000 евра за обнова на домот. Воедно беше упатен и повик до Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ да продолжи со разговори со градоначалничката на Битола за градење на взаемно прифатливи услови за изградба на домот во интерес на општо добро. Понатаму, беше истакнато дека Општината во овој момент нема законски основ за вложување зашто стопроцентен сопственик на домот е Планинарското друштво.

„Поради важноста на ‘Копанки’ и неговото значење за граѓаните на Општина Битола и поради фактот дека неговата обнова не се движи во рамки на очекувањата на граѓаните донесен е заклучок за отпочнување на постапка за изнаоѓање на решение за негова обнова“, рече претседателот на Советот, Валентин Груевски.

За иницијативата гласаше и независната листа „Поинаку“, но со забележешка дека на седницата требаше да бидат поканети и сопствениците на домот и требаше да се организира јавна дебата. 

„Конечно Копанки дојде на ред, сакам да верувам дека ова е искрено. Но, морам да кажам неколку работи со кои не се согласувам иако сѐ она што ќе биде за обнова на ‘Копанки’ ќе го поддржиме. Ние денес ад хок добиваме ваква точка, а најзасегната страна не е консултирана, а тоа се стопроцентните сопственици, Планинарското друштво. Сметам дека ова прашање заслужува поширока јавност во Битола, дека требаше да се организира јавна трибина и да се сослушаат сите размислувања“, рече Габриела Илиевска од „Поинаку“.

„Не мислев дека дел од иницијативата ќе наиде на банални критики, зошто не денес, зошто не утре, зошто не го викнете оној. Иницијативата е сосема коректна, отвора можности за разговори со Планинарското друштво и за финансирање во тој дел“, рече Груевски.

Инаку ПСК „Пелистер“ пред десетина дена започна со работна акција за обнова на домот. Прво беше расчистен сметот, а потоа однесен и градежен материјал за да се подигнат потпорни ѕидови. Од друштвото велат дека се заинтересирани да продолжат да разговараат со градоначалничката. Но, не гледаат дека сопственоста е некаква пречка. Објаснуваат дека според Статутот не можат да отуѓуваат делови од имотот.

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет