НОВА СЕДНИЦА НА ВЛАДА: Вработените во ЕВРОКОМПОЗИТ наместо по една, ќе им бидат исплатени по две плати

Објавено на 11.07.2018 во 01:14:02 часот | Македонија

Од 78-мата седница на Владата на Република Македонија: Mинистерството за труд и социјална политика продолжува да развива мрежа на дневни центри и други сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства во местото на живеење; прифатена информација во врска со потпишувањето на меморандум за разбирање во енергетскиот сектор помеѓу Македонија и Косово

Владата на Република Македонија на 78-мата седница, донесе одлука да го измени заклучокот од претходната, 77-ма седница и согласно новиот заклучок ја задолжи компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп“ да достави барање за позајмица од вкупно 11 милиони денари  (6 милиони денари од АД ЕЛЕМ - Скопје и 5 милиони денари од АД МЕПСО - Скопје). Со оваа измена, на вработените во оваа компанија наместо по една, ќе им бидат исплатени по две плати.

На денешната седница министрите ја разгледаа информацијата за спроведена постапка по објавен оглас за избор на Национален координатор за трансплантација на Република Македонија и го прифатија предлог – решението д-р Маја Мојсова Мијовска да биде национален координатор за трансплантација. д-р Мијовска од 2013-тата е назначена за болнички координатор за трансплантација, а од декември 2017-та година e поставена за раководител на Одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување при Клиниката за ТОАРИЛУЦ. Мандатот на д-р Маја Мојсова Мијовска како национален координатор за трансплантација е 4 години.

Владата на седницата ја прифати информацијата предложена од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за потпишување на спогодба помеѓу македонското и министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, за фитосанитарна соработка. Целта на оваа спогодба е да ја поттикне заедничката соработка во областа на фитосанитарната политика, да ги заштити териториите на Македонија и на Србија од внесување и ширење на карантински штетни организми и да се ограничи внесувањето на регулирани некарантински штетни организми, преку увезените пратки. Спогодбата треба да придонесе и за минимизирање на фитосанитарниот ризик, како и да обезбеди подобрување на меѓународната трговија.

На 78-мата седница беше разгледана и прифатена и информацијата во врска со потпишувањето на меморандум за разбирање во енергетскиот сектор помеѓу министерството за економија на Република Македонија и министерството за енергетика и рударство на Република Косово. Меморандумот предвидува да се формира мешовит оперативен тим на експерти од двете министерства и претставници од нивните национални компании и надлежни органи, за помош и консултации за натамошните чекори за имплементација на договорените области на соработка.

Приоритетни области за соработка со Косово се секторот за електрична енергија, јаглен, природен гас, обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, сигурност во снабдувањето со енергија, како и подготовка на инфраструктурни проекти за интерконективно поврзување и други проектни иницијативи.

Како материјал за информирање Владата го разгледа извештајот за реализација на оперативниот план на активностите за имплементација на Националната стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност за 2017-та година.

Во извештајот, меѓу другото, е наведено дека министерството за труд и социјална политика, ќе продолжи да развива мрежа на дневни центри и други социјални сервисни служби за поддршка на децата и возрасните лица со попреченост и нивните семејства во местото на живеење. Досега се изградени 30 дневни центри за различни видови на попреченост, а таму дневно престојуваат околу 440 корисници.

Министрите на денешната седница го разгледаа и годишниот извештај за работењето на Фондот за здравствено осигурување на Македонија за 2017-тата година.

Во него е посочено дека вкупниот број на осигуреници на крајот на 2017-та година изнесувал 1.872.466, што претставува опфатеност на населението од 90.3% во однос на вкупниот број жители на Македонија.  

Бројот на лицата осигурени преку програмата на Министерството за здравство, односно оние што не се осигурени по ниту еден друг основ, изнесува 246.611 и е зголемен во споредба со 2016-та година за околу 1,7 илјади лица. Зголемувањето се должи на фактот што почнувајќи од 2015-та година, лицата со ниски примања повеќе немаат обврска за пререгистрација.

На предлог на министерството за економија на седницата, Владата ја разгледа информацијата во врска со донесување на програма за изменување на програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2018-та година, со предлог – програма. Станува збор за пренамена на средства за реализација на алинејата 2 од програмата, односно поддршка на консултантски услуги за решавање на „тесни грла“ во производниот процес, како и за подготовка на апликации, проекти врзани со развојот на малите и средни претпријатија или економски развој.

На редовната, 78-ма седница Владата на Република Македонија, на негово барање го разреши Арменд Шаќири, од должноста директор на КПУ Казнено поправен дом од отворен вид Струга.

 

 

* реклами

 

 

Македонија

Свет