НИКОЛА НАУМОВСКИ: Не, воопшто не се исти прославите порано и оваа сега!

Објавено на 12.07.2018 во 18:01:07 часот | Македонија

Немам намера да влагам во дебати за геостратегии, имиња и референдуми, би сакал само да се осврнам да денешната мантра за "леб и игри" и дека прославите им биле исти на сегашните и прошлите и дека ништо не се сменило итн...

Тешко е и воопшто да се споредува денешниот повод за прослава со било кој повод што го имавме со вмро. Денес славиме остварување на долгогодишна аспирација. Без разлика дали се согласуваме или не дека сме го решиле безбедносното прашање во Македонија, или дека економијата ќе ни процути, или дека армијата ќе ни се модернизира. Поканата за НАТО е голема работа и остварување на одамна поставена цел. Затоа и си заслужува прослава. ВМРО порано славеше 20 години независност, 4-то место во кошарка, 4-то место во ракомет, укинувањето на визниот режим (прославите на коишто во моментов ми текнува).

Настрана поводот, прославите се разликуваат и по тоа што:

ВМРО правеше процесии на војници во маскирни униформи и воена опрема. Каролина качена на кран ја пееше химната, одлуката за независност во стаклена кутија беше носена од гардата од Собрание до музејот на ВМРО, Зуица Лазова му пееше на новопоставениот споменик "аце, аце, ај што си убав!", над толпата се тегнеше гигантско платно со голема Македонија, се носеа автобуси од цела земја во Скопје, Груевски држеше 70 минутни говори, му ги врамуваа на влезовите на новоотворените музеи... На некои прослави се пееја песни за гасни комори, а во оние подржавничките се пееше "гоцевата раса". Уметниците кои настапуваа беа задолжително бесплатно ангажирани од своите институции да учествуваат во партиските прослави, а тв водителите беа фрапирани од убавината на новите фонтани и споменици и како изгледа Скопје.

Оваа прослава ми се чини децентрализирана и ги носи содржините кај луѓето, а не луѓето кај лидерот за да им попува во Скопје. 15 различни градови со 15 различни концерти. Нема најавени говори на политичари. Има шаренило од музички жанрови, но нема турбофолк. Има музика на многу јазици, особено во мултиетничките средини. Нема воени паради, дефиле на тенкови, избраните музичари не пеат шовинистички песни.

Така што, не, воопшто не се исти прославите.

 

 

* реклами

 

 

Македонија

Свет