ТРИЧКО НАЦИОНАЛЕ: Ах, бре Македонче, симни се од Мечкин камен!

Објавено на 04.08.2018 во 10:35:03 часот | Македонија

Пишува: Бранко Тричковски

Оној момент кога вмро-дпмне ја зграпчи историската шанса и од митот за себе направи политички концепт, беше јасно дека Македонија ќе влезе во последната фаза на илинденскиот циклус, а во моментот кога стана јасно дека тој концепт ќе биде трагичен, беше јасно дека и илиденскиот период ќе заврши трагично. Најтрагичното, пак, е во тоа што Македонецот одбива да се симне од мртвиот коњ што го јава. Да е Индијанец тоа би го стирил веднаш, но тој е Македонец и продолжува да го шиба илинденското доратче, без да забележи дека со мамузите си ја копа гробната дупка под Каменот на мечката.

Некои важни, можеби и најважните проблеми со кои денеска се соочува Македонија, се последица на вербата дека не е така како што пишува на почетокот на овој текст, дека циклусот не само што не е завршен, туку дека на тој мртов коњ, предводена од еден друг интелектуален и политички мртовец, викан Хорхе, нацијата ќе ги дочека светските единици на разумот и ќе ги победи како што со црешовото топче од илузии и глупости, пред 115 години, илинденците го победија Бахтијар паша.

Хахаха!

Тој политички концепт го уништи митот и дојде на чекор од подвигот да ја уништи државата. Митот може да биде и лажен, како што и е во нашиот случај, и да функционира, се додека некоја будала не се сети да го тестира. Тогаш се случуваат три драми: крај на митот, крај на концептот и крај на националната и државна формација која се обидела низ тој декаденциски подвиг да живее во облаците. 
Тоа е драмата на Македонија во последните тринаесет, а веројатно и цели дваесет и осум години. 
Јас мислам дека треба да го минираме Мечкин камен!

Катон би рекол: Ceterum censeo Meckin Camen esse delendam!

Хахаха!

Во нашите мисли, во нашето чудоредие, во нашата политичка култура. 
Дури и физички да го смачкаме ако тоа нема премногу лошо да се одрази врз природната средина.
Каков Мечкин камен, какви бакрачи?

Тој локалитет денеска е збиралиште на зависници од историски прикаски, акомпанирани од простаци и лудаци. Рамна гора за македонските четници. Блајбург на македонските усташи. Српските попови ја избркаа македонската држава од "Прохор Пчињски", комитите ја избркаа од Крушево. 

И сега-што!
Ништо!

Од грдите слики што завчера пристигнаа од Крушево, добра беше само нивната грдост. Јас гледам позитивно на тоа меропријатие. Општеството и светот можеа да се уверат во каква секта од лудаци се претвора најбогатата партија во Европа, политичката артикулација на националниот мит број еден, злосторничкото здружение што ја беше киднапирало државата, да се уверат како се претвора во тоа во што сакаше и се уште сака да ја претвори нацијата и државата- во ништо!

Мала секта: илјада, пет, еве, нека се и десет илјади души.
Не затоа што така сакаат Хорхе или Мицко, туку затоа што тоа е мисијата на организацијата која е посилна од сите поединци, толку посилна што на еден закономерен и неизбежен начин ги вовлекува во деструкцијата, без да ги праша.

А тие се потчинуваат.
Хорхистичко-вмронскиот идиотизам број еден, дека “само мртвите Шиптари се добри Шиптари”, може да се потврди само со обдукција на мртвите Македонци, но во принцип, може да се каже дека колку се помртви Македонците што оваа го тврдат, толку се поточни нивните наоди за себе, со еден важен додаток, кој законот ќе го формулира вака: Само мртвите Шиптари се добри Шиптари за мртвите Македонци и за тие што ќе умрат под таа парола”.
Лудаци!

Доволно е да ги чуете тие пароли и да ви биде јасно дека под организацијата која стои зад тие врисоци, Македонија не е можна. И дека за таа работа не е можна никаква топ тема, никаква дебата, никаква расправа. Или ќе се ослободиме од револуцијата на вмро или револуцијата ќе не ослободи од државата. Ова не е политичкки судир, како што референдумот не е прашање на избор, кој може да биде ваков и онаков, на масата нема таква понуда. На референдумот ја демонстрираме или не ја демонстрираме волјата да живееме.

Во март 2010 година во "Глобус" објавив колумна која почнуваше вака:
"Јас сум Македонија, бе, пичка ви лепа материна, а вие сте бели црви што се размножувате врз мртвото тело на Татковината. Колку е помртва Македонија, вие сте подебели. И повеќе ве има."

Се реферирав на Ман, кој во судирот со нацистите го има напишано ова:
"Одвратно е што им се толку драги испарувањата и пијанството и секоја бесна неумереност, што верно му се предаваат на секој восхитен ебиветер кој во нив ги побудува најниските страсти, ги зацврстува во нив најниските пороци и ги учи националноста да ја сфаќаат како изолирање и грубост, бедно е што на нив самите секогаш им се чини дека се големи и прекрасни кога наполно ќе го проиграат сето свое достоинство. И со така пакосна омраза гледаат на оние во кои странците ја гледаат и почитуваат Германија. Јас воопшто не сакам да се помирувам. Тие не ме сакаат мене, јас не ги сакам нив, така сме меѓусебно измирени. Моето германство е моја работа, нив ѓаволот нека ги носи, заедно со пакосното филистерство. Тие мислат дека тие ја претставуваа Германија, но тоа сум јас, а ако се случи сосема да пропадне, таа ќе трае во мене".
Тоа е мојот одговор и денеска.

По Каменот на мечката 2018, уште покатегорично: Марште, бре, у пизду материну, бандо! Државата би морала да биде построга, државата не пцуе, државата апси, крај, државата мора да знае дека перцепцијата за моќта на лудаците е сто пати поголема од нивната реална моќ, никаков политички опортунитет не смее да биде причина за непостапување, енде.
Приказната за ЕУ и за НАТО е приказна за тој радикален отклон од себе и од сопствената болест, нов циклус, нова димензија, нов живот.

Македонија ќе оди на референдум. На 30 септември ќе оди да си ги подигне документите од европскиот регистер на државите и нациите. Оди по комплетен, значи, национален, културен, безбедносен сертификат, заверка, дури, би рекол, европски патент за себе, за својата државотворност, македонскост и мултиетничка и мултиверска хармоничност. Оди да биде со светот. Не дозволувајте да ве лажат со прикаските дека се брише се што е македонско. Се што е македонско се обидуваат да го избришат тие што не гласаа за референдумот. Тие се секогаш против се што е за Македонија. Во историската игра, имаме шанса да се искачиме сто левела погоре. Да направиме од тој ден фешта каква што ова држава и луѓето во неа заслужуваат. Ја чувствувам возбудата што ме обзема секогаш кога на хоризонтот се задаваат убави работи. 
Напред Македонијо!

(Колумна во “Слободен печат”)

 

 

* реклами

 

 

Македонија

Свет