Одбележан денот во сеќавање на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна, Самка љут што никој од владата и од собранието не дошол на настанот

Објавено на 06.08.2018 во 17:42:30 часот | Македонија

Romsko zname
 

Втора година по ред во Македонија со комеморација се одбележа Денот на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна – 2 Август, согласно со Резолуцијата која Европскиот парламент ја усвои на 15 април 2015 година.

Европскиот ден на геноцидот врз Ромите се одбележува на 2 август – датумот на кој во 1944 година во гасни комори биле убиени  2 897 Роми и Синти во т.н. цигански логор во Аушвиц-Биркенау во окупирана Полска. Во логорите на смртта низ цела Европа во Втората светска војна се смета дека се убиени околу половина милион Роми.

– Конечниот број на убиени Роми не се знае затоа што нема податоци. Како и денес, многумина од нив немале лична идентификација и често биле броени само како трупови без потврден идентитет. До крајот на војната се смета дека големината на ромската популација е намалена на само 20-30 отсто од таа што била на почетокот. Околу геноцидот во Втората светска војна најмалку се знае за ромскиот холокауст или параимос, рече на комеморацијата министерот без ресор Аксел Ахмедовски, задолжен за имплементација на Стратегијата за Роми 2014-2020.

Апелираше повеќе да се зборува и да се знае за прогонот на Ромите, кои и денес се најизложени на стереотипи и дискриминација.

– Не можеме да прифатиме дека лекцијата од холокаустот се уште не е научена, ниту да бидеме отпишани од историјата, затоа што историјата се повторува. Денес, во 21 век, и натаму остануваат стереотипи и предрасуди кои се еднакви на расна дискриминација, рече Ахмедовски, додавајќи дека ЕУ и институциите треба да преземат сериозни акции против прокламирањето расна нетрпеливост.

Забележа и дека македонските медиуми на 2 август биле фокусирани, како што рече, на дневно-политички настани и дека освен на социјалните медиуми речиси и немало информација за геноцидот извршен врз Ромите во Втората светска војна. Затоа, рече Ахмедовски, во иднина како министер ќе се заложи ромското прашање да биде повисоко на агендата на Владата.

 

– Патот до Аушвиц е направен од омраза, а поплочен со рамнодушност. Индиферентноста, немањето емпатија и солидарност од останатите луѓе им помогнаа на нацистите во тој период. А сега живееме во време кога поделбите меѓу нас се подлабоки, рече Силхан Саитов, проектен менаџер на здружението „Ромаверзитас – Македонија“.

Дискриминацијата и говорот на омраза кон ромската етничка заедница, рече тој, ја има и во изјавите на јавни личности во земјава, а позагрижувачко е нивното одобрување во јавноста. Затоа, рече, денешната комеморација треба да служи како предупредувачки сигнал, а  злосторствата од минатото да бидат признати поради нанесената неправда. Очекува фактот за геноцидот врз Ромите да биде и официјално признат.

– Во Австрија, Албанија, Германија, Украина, Унгарија, Франција, Србија, Хрватска и во многу други европски земји, Ромите се официјално спомнати и признати како жртви на геноцидот. Во Македонија е инициран процес за признавање и очекувам дека Собранието на Република Македонија ќе ја следи праксата на многуте европски земји, истакна Саитов.

На комеморацијата, која во присуство на претставници на меѓународната заедница и дипломатскиот кор се одржа во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Република Македонија, беа презентирани податоци за прогонот на Ромите и Синтите во Втората светска војна. На нивниот геноцид  му претходело истражување на нацистичкиот доктор Роберт Ритер со кое требало да се „оправда“ идеологијата според која овие луѓе не треба да постојат, а потоа дехуманизација, гетоизирање и депортација.

Заедно со околу шест милиони Евреи, Словени, комунисти и неистомисленици на нацистичката идеологија, Ромите биле истребувани во 12 концентрациски логори на територијата на Европа. Официјалниот број на убиени Роми, според пронајдените документи, е 285.650, но истражувачите на ромскиот геноцид сметаат дека бројот надминува половина милион.

Пратеникот Самка Ибраимоски испрати писмо до медиумите во кое изразува револт кон своите коалициски партнери:

Јас, Самка Ибраимоски и министерот без ресор Аксел Ахмедоски сме многу разочарани од владата на Македонија што денеска никој не најде за сходно да дојда на одбележувањето на геноцидот на Ромите од втората свеска војна.
 
Не само преставниците на владата туку сум разочаран и од моите колеги пратеници кој не дојде ниту еден од моите колеги, ова значи дека и во овој дел на вакви настани има дискриминација, почитувани преставници на владата и колеги пратеници, сакаме да градиме едно општество за сите, а не го спроведуваме тоа.
 
Ромите се дел од оваа држава и се граѓани на оваа држава, останувам да размислам како понатака ќе делуваме и да размислувам како и јас и мојата заедница да се однесуваме кон моите сограѓани од другите заедници.
 
 ПЦЕР, Самка Ибраимоски

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет