Градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш распали по мрчаторите: Влечни коњски коли ли требаше да набавиме?

Објавено на 07.08.2018 во 00:27:21 часот | Македонија

Општина Шуто Оризари замени два стари модели на автомобили за две исти возила. Двете возила беа во лоша состојба и неподобни за вршење на секојдневните активности на градоначалникот и вработените кои вршат и теренска работа, реагира градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, откако медиумите објавија дека Општината за 32.000 евра набавила две нови возила.

Реакцијата на Дудуш ја пренесуваме во целост:

„Се спроведе законска, тендерска постапка и се склучи договор за јавна набавка со Автонова ДОО за две возила со цена во висина од 14.000 ЕУР и второто возило во висина од 18.000 ЕУР. Договорот предвидува исплата на возилата на лизинг период. Овие сретства се предвидени во буџетот за 2018 година. Буџетот на Општината е секако транспарентен и јавно достапен документ.

Воедно, возилата не поседуваат дополнителни опреми и 3Д светла како што наведуваат некои од медиумите.

Се прашуваме и Ве прашуваме вас почитувани медиуми, каква одлука требаше да донесе градоначалникот за да истата не биде „скандалозна и вредна за жолт печат”? Дали требаше да се набават влечни коњски коли со кои не прикажувате Вие кога говорите за некое Ромско прашање? Дали и по цена на вршењето на секојдневните работни обврски вработените треба да останат без службено возило? Дали требаше да се доведе во прашање безбедноста на вработените и градоначалникот возејќи неисправни службени возила?

И каде лежи скандалозноста на одлуката да се набават автомобили од средна класа, погодни за градски сообраќај и теренска работа?

Ви препорачуваме, на медиумите кои ја објавија во извртена форма веста, но и на останатите медиуми, почнете да работите професионално кога сакате да пренесете вест поврзана со Ромите и воопшто со општина Шуто Оризари. На 2ри Август градоначалникот јавно подржа и излезе на мировен протест по повод Геноцидот на Ромите во Втората светска војна и случувањата со убиства и прогони на Роми во Италија. Од уредно повикани медиуми, освен еден медиум, никој од останатите 100тина не се појави.

Денес, 06.08.2018, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија се одржа комеморација за гореспоменатиот ден под покровителство на Министер без ресор, Ром. Ниту еден медиум не го проследи, од над 100тина уредно поканети“, пишува Дудуш во реакцијата.

 

 

* реклами

 

 

Македонија

Свет