Надлежен обвинител од скопското обвинителство постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, донесе наредба за истрага против едно лице за кривично дело „Убиство“ од член 123 ст.1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 3 август 2018 година, околу три часот по полноќ, во алкохолизирана состојба дошол на Кеј „13 Ноември“, пред монтажниот објект – тезга за продажба на книги и списанија каде во тој момент престојувало сега починатото лице и започнал да тропа по прозорците. Откако лицето му отворило, осомничениот започнал да се расправа и без никаков повод и причина физички го нападнал оштетениот удирајќи го во повеќе наврати со тупаници и клоци по телото и главата.

-Од ударите лицето се здобило со нагмечување на мозочната маса и истото со брза помош било пренесено во Ургентниот- хируршки центар – Скопје. Поради влошување на состојбата повредениот е пренесен на Клиниката за неврохирургија каде му била извршена интервенција и е задржан на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување. На 11 август оштетениот им подлегнал на повредите, а дежурен обвинител издаде Наредба за обдукција, пишува во соопштението на Обвинителството.

-Вчера во попладневните часови напаѓачот е лишен од слобода. Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за определување на мерката притвор за осомничениот и достави Предлог до Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомниченото лице со Решение му изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена, се додава во соопштението на Обвинителството.​