Роберт Поповски со Дезир од ОБСЕ: Блокирањето на донесувањето на законот за медиуми од страна на опозицијата ги попречува очекуваните медиумски реформи, вклучувајќи ја и борбата против лажните вести

Објавено на 21.09.2018 во 01:50:59 часот | Македонија

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност во Владата на Република Македонија Роберт Поповски, денеска оствари средба со претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир, во придружба на новоименуваниот шеф на мисијата на ОБСЕ во нашата земја, амбасадорот Клеменс Која.

Претставниците на ОБСЕ на состанокот покажаа интерес за неколку прашања поврзани со медиумите, со посебен акцент на постапката за донесување на новиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за прашањето на статусот на онлајн медиумите во медиумската регулатива и за мерките за заштита од лажните вести, како и за безбедноста на медиумските работници во професионалното извршување на нивната работа.

Министерот Поповски потенцираше дека Владата на Република Македонија во предвидениот рок, согласно итните реформски приоритети од Планот 3-6-9, ги донесе измените на Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште пред една година и ги пушти во Собранието на Република Македонија.

За жал, како што истакна Поповски, пратениците на опозицијата во собранието упорно ја одлагаат расправата за донесување на новиот закон и со тоа го усложнуваат и проблематизираат целиот процес за темелни медиумски реформи, особено оние најзначајните кои се однесуваат на МРТ и на Агенцијата за аудио аудиовизуелни медиумски услуги.

Во однос на регулативата на онлајн медиумскиот простор Поповски нагласи дека Владата на РМ ги следи најдобрите европски практики во оваа сфера и, дека, дополнително, овој став е заземен по широките и темелни консултации со организациите на медиумската заедница во земјата, како насока дека интернет просторот треба да остане слободен.

Министерот Поповски додаде дека во таа насока ја смета саморегулацијата како извор за најдобри практики во овој дел, и дека токму принципите на саморегулација се најдобрата алатка за борба против лажните вести.

Во однос на безбедноста на извршувањето на професионалната работа на медиумските работници, министерот Поповски потенцираше дека Владата на РМ останува на ставот нула толеранција за секој обид за загрозување на безбедноста на новинарите и останатите професионалци во медиумската заедница.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Харлем Дезир на средбата изрази задоволство што му се укажа прилика за медиумските реформи да разговара со министерот Поповски и ја нагласи заложбата на ОБСЕ да остане во тесна соработка со Владата на РМ во спроведувањето на овие реформи.

 

 

* реклами

 

 

Македонија

Свет