ТРИЧКО НАЦИОНАЛЕ: Го поздравувам решението на OJO да поднесе обвинителен предлог против Тони Михајловски во врска со заканите со убиство што ми ги упати пред извесно време!

Објавено на 18.10.2018 во 20:56:26 часот | Македонија

Тони во Шанац

Го поздравувам решението на Основното јавно обвинителство да поднесе обвинителен предлог против Тони Михајловски во врска со заканите со убиство што ми ги упати пред извесно време. Актот на Обвинителството го сметам за чин насочен кон рехабилитацијата на правната држава, односно кон воспоставување на такави стандарди во јавната комуникација во кои луѓето ќе се чувствуваат безбедни во изнесувањето на различни ставови и одговорни кон општиот дискурс и кон поединците со кои се имаат спротивни ставови. Се разбира, без да се стерилизира стилот и богатството на јазикот и изразот. Во таа смисла ја поздравувам уште еднаш и иницијативата на Здружението на новинарите и на петседателот Насер Селмани, да поднесат кривична пријава против Тони Михајловски и на тој начин да покажат дека како еснафско здружение ќе влезат во битка против заканите врз новинарите и против разните видови насилство на кое беа изложувани, вклучително и со смртни последици, каков што беше случајот со Никола Младенов. Како и против нападите врз нивните имоти.

Во врска со кривичната пријава јас дадов исказ во Основното јавно обвинителство во која прилика ја поддржав иницијативата за кривичен прогон на наведентото лице и го аргументирав тоа со реалните закани и чувството на егзистенцијална загроза на кои бев изложен поради неговите објави на социјалните мрежи. Како што е познато, непосреден повод беше неговиот статус во кој беше напишал “Јас би можел да го убијам Бранко Тричковски и око да не ми трепне”, но таквите и уште пожестоки закани имаше и порано, особено по еден мој статус за полицајците во акцијата во Диво Насеље.
Две работи се важни:

Прво, Тони Михајловски се закануваше на еден обичен човек кој на своја страна имаше само едно перо, односно една тастатура, еден ајфон и еден таблет. Ништо друго, ниту пари, ниту оружје, ниту партија, ниту партиски војници, добро, освен ајфонот имаше и по некое шише пиво или “џејмисон” блек лебл, една мала група пријатели од “Корзо” и, фала Богу, Фамилијата која успеа да го издржи мојот отпор и да истрпи неверојатен терор, зашто Тони Михајловски беше само една виолина во Симфонискиот оркестар на сеопштиот терор на вмро-дпмне и на нивниот многу обожаван лидер по име Никола Груевски.

Втората работа е во тоа што тие закани беа упатувани од позиција на сила. На невидена сила. Во атмосфера на хистерија на широките народни маси од моќта на вмро и од навистина неограничените димензии на таа моќ. Се сеќавате на тие времиња од пред неколку години. Неговите закани имаа покритие во апсолутната моќ на власта. 
Кога ќе затропаа свраките по ронките од претходната ноќ на мојата тераса во Орешани, јас му викав на Мајло, бегај Мацико, низ онаа врата, идат емисарите по твојот газда. Денска се други времиња, од оваа дистанца тоа тешко може да се сфати, но во она време, секој шум можеше да се толкува така како што тука се обидувам да пишувам.

Што се однесува до потрагата по некаква рамнотежа со наводните мои закани кон бившиот премиер, кон вршителот на должноста претседател или кон сегашниот лидер на опозицијата, сакам да ја нагласам драстичната разлика која произлегува од следнво:
Моите текстови се високоестетизирана политичка проза, можам нескромно да кажам, и поезија, само будали и идиоти можат во таа метафорика и висока стилистика да бараат говор на омраза или закана. Второ, моите обраќања се однесуваат на највисоки претставници на власта и на политичкиот живот. Значи, не на обични луѓе и приватни личности, туку на индивидуи кои се одговорни за општите состојби во државата, па според тоа и за мојата ситуација како поединец.
Тоа е.

Ова е обраќање кое има за цел да одговори на големиот интерес на медиумите и на јаноста. 

Уметничките, хахаха, обработки на темата ќе ги публикувам многу скоро.

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет