УСПЕШНА ДВОДНЕВНА ПОСЕТА НА ДИМИТРОВ НА БЕРЛИН, ОСТВАРЕНА СРЕДБА СО КОЛЕГАТА ХАЈКО МАС: МНР Мас изрази задоволство од севкупниот прогрес во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, укажувајќи на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата

Објавено на 09.11.2018 во 09:26:04 часот | Македонија

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

Соопштение до средствата за јавно информирање

 

MНР Димитров оствари средба со МНР на СР Германија, Хајко Мас  

На вториот ден од работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола  Димитров, оствари средба со својот хомолог, министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас. На средбата, Министрите разменија мислења за европската и евро-атлантската интеграција на Република Македонија, како и за динамичната билатерална соработка меѓу двете земји, на политички и на економски план. И во оваа прилика, МНР Димитров повторно изрази благодарност за континуираната билатерална поддршка од СР Германија за имплементација на реформските процеси во Република Македонија, како и за значењето на Берлинскиот процес во овој контекст. Зборувајќи за домашната политичка ситуација, Министерот Димитров нагласи дека „и покрај предизвиците, можностите за позитивен исчекор и напредок се отворени за Република Македонија.”

МНР Мас изрази задоволство од севкупниот прогрес во Република Македонија, како и од текот на имплементацијата на Договорот од Преспа, укажувајќи на важноста од заокружување на овој процес, што е предуслов за европските и евроатлантските интеграции на земјата.

За време на работната посета на Берлин, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во интервјуа за Велт и Тагесшпигел, покрај прашањата за евроинтегративниот процес на Република Македонија и Договорот од Преспа, даде свој осврт и за улогата на Сојузна Република Германија во Југоисточна Европа.  

Фотографиите можат да се објавуваат со нотирање на авторот (Photothek/ Florian Gärtner) 

Скопје, 8 ноември 2018 година

 

РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
МИНИСТЕРСТВО ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ

Соопштение до средствата за јавно информирање

МНР Никола Димитров во работна посета на СР Германија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, на 7 и 8 ноември 2018 година, престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, на покана на претседателот на Комисијата за ЕУ прашања во германскиот Бундестаг, Гунтер Крихбаум.

Во своето обраќање пред членовите на оваа Комисија, МНР Димитров брифираше за најновиот развој на внатрешно политичките состојби во Република Македонија, со акцент на претстојните активности поврзани со целосна имплементација на Договорот од Преспа. Министерот Димитров се осврна и на реформската ЕУ и НАТО агенда, како и на македонскиот придонес во развојот на добрососедските односи и регионалната соработка во Југоисточна Европа. Министерот Димитров нагласи: „Решени сме да успееме и на следната средба заедно да го прославиме отворањето на пристапните преговори со ЕУ.”

MНР Димитров оствари  средба и со Јан Хекер – советникот за надворешна политика на германската канцеларка, Ангела Меркел. Двајцата соговорници дискутираа за билатералната соработка меѓу двете земји, при што беше укажано дека реализацијата на реформите во Република Македонија се, пред се’, за бенефит на самите граѓани и трансформација на земјата во кредибилна европска демократија. Заеднички беше потврдено дека историската посета на канцеларката Меркел на 8 септември е доказ за исклучително високото ниво на македонско-германските односи.

Посетата на Берлин МНР Димитров ја искористи и за одвоени средби со управниот директор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Роланд Шмид, како и со заменик-директорот за европска и меѓународна соработка во Фондацијата „Конрад Аденауер“,  Франк Прис. На средбите МНР Димитров им се заблагодари на соговорниците за дводецениските активности на двете фондации во Република Македонија и нивниот придонес во политичката и социо-економската трансформација на македонското општество.

Министерот Димитров одржа и предавање на Институтот за општествени науки при Универзитетот Хумболт на тема „Дипломатија, демократија и компромис во Западен Балкан-прогресивниот пат на Македонија кон пристапот во ЕУ и лекциите за регионот”. МНР Димитров нагласи: „На долг рок, единствената визија за стабилен и просперитетен регион е онаа водена од конструктивен и продуктивен натпревар. Ова зависи од европската интеграција на Регионот. Без тоа, наместо стоки и услуги, Регионот ќе извезува луѓе и нестабилност.”

МНР Димитров имаше и средба со специјалниот координатор на активностите на Германско-француската канцеларија за млади во регионот на ЈИЕ, Франк Моравjец, на која беа дискутирани проектите за соочување со минатото и надминување на разликите за одредени историски настани во регионот на ЈИЕ.

Во текот на утрешниот ден, МНР Димитров ќе оствари средба и со својот хомолог, МНР на СР Германија, Хајко Мас.

Скопје, 7 ноември 2018 год.

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет