Абе луѓе, што ви е на вас, абе луѓе умираат на скелиња качени, или во јами во рудници а не па коњи што умреле, животот е суров, што ви е на вас, во кој свет вие живеете?!

Објавено на 13.11.2018 во 21:27:41 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Нема нема, па ќе усцркаат овие несфатените кога ќе рикне некој коњ на улица во Скопје или некој од градовите во земјава...

Они не разбираат дека коњи, волови, биволи, магариња, мулиња умираат секој ден во земјава, само они не ги гледаат затоа што тоа се дешава во некое село богу иза леѓа...

Они не разбираат што не само што умираат коњи, или дубичиња како што се викаат на село тие животни кои тегнат терет, туку умираат и луѓе и тоа качени на скеле, на кров или по јами во рудници.

Умираат секој ден, само они за тоа не знаат, не чуле, не се свесни.

Јас израснав во маало каде моите другарчиња растеа без татко затоа што ги потрупала руда во јама, или паднале од скеле или од кров.

Доста од нив се инвалиди по такви тешки повреди. Многу од нив се без раце поради несреќа на работа, или паднало дрво врз нив кога сечеле дрва или пак машина им скинала рака или нога...

Животот е пеколен, животот е тежок, за над 80% од рајата, животот е вистински пекол, од икс причини.

Или пораснале во дом за сираци, или дома имале алкохоличар или ментално болен, или животот го поминале по лудници, или пак работата им е неверојатно тешка и стресна, како што се повеќето работи со кои се печали леб во нашето општество.

Самиот сум осетил дел од тие работи, сум бил кувар, келнер, градежен работник, физички работник на нива, по цел ден сум бил качен на скеле, или на скала на разни дрва берејќи праски, сливи, кајсии, маслинки, портокали...

Или сум берел тутун во Грција на 45 степени сонце, или по цел ден сум берел зелка и целер во Англија додека врнело цел ден па од дождот не ја гледаш зелката пред тебе и маваш со ножот на слепо па едениот прст ми висеше само на кожа...

Среќа што не се лизнав од палуба додека работев на брод и не одлетав во морето, ем не знам да пливам добро, ем повеќето време бевме на Аљаска каде во морето имаше санти со лед...

Но имаше бетер од мене, имаше Индијци кои работеа по 15 саати на машината за перење садови, значи во влага и смрдеа и темница и нечистотија по 15 саати дневно за само 500 долари месечно...

Животот е тешко срање, умираат луѓе, умираат животни, и тука не може ништо да се смени, со паничење и врескање за секој починат коњ и осуда дека некој бил суров спрема животното. Зарем вас ви е повеќе жал од самиот газда на тоа животно кој изгубил 300е колку што вредат тие коњи и останал без погон за својата кола?

Зар мислете дека газдата на тој коњ е во подобра кондиција од самиот коњ? Туку мора да го форсира и мора да се форсира себе си за да заработи доволно за да опстане.

Борбата за живот е безмислосна, животот е безмилосен, животот не е фер, и тоа е тоа за жал, бидете силни, бидете свесни, отрпенете на се, некој да бидете нежни и да плачете за ситници.

Само имајте разбирање за луѓето кои слушаат турбо фолк, тоа се луѓе речиси глуви и пред смрт, и само турбо фолкот може брзо и интантно да ги вивне во еуфорија, среќа и транс.

Не може секој да слуша џез, класика и блуз. Имајте разбирање за ниската работничка класа, таму лебот се печали многу тешко, и смртта демнее на секој ќош!

Ако сакате вистински да им помогнете на овие луѓе, дајте им работа, ако ви работат нешто бидете дареживи, давајте редовно пари на семафори на дечките што ви чистат прозори, ако сте шеф или газда во фирма давајте редовно плата и повишица, не ги исмевајте во јавност за тоа како се облечени, дали се бањати, дали се со или без заби, дали корнат на лук или кромид, дали се со стари телефони или демоде облека.

Дали имаат култура, стил, осет за музиак и слично, помалце судете, повеќе помагајте, плаќајте редовно даноци колку што можете, бидете среќни со тоа што го имате, што не значи да не бидете амбициозни, само бидете среќни и благодарни, не бидете арогантни плачипички!

Многу ми се смешни овие што родителите, животот и околностите ги заштитиле од ужасите на животот па најстрашно нешто што виделе е мртов коњ на улица липсан од работа. Дечки, ништо вие не сте виделе во животот. не сте свесни вие колку сте среќни...

Не може тоа така како што вас ви се чини, тој што го тера коњот, да застане, да се освести, да отиде дома, да се истушира, да стави кравата и утре да отиде на работа во некоја од фирмите низ центарот на Скопје и да чека еден саат во парк за фенси кафе од оние подвижните колички. Не иде тоа така бе дечки, тој човек животот го џвакал го џвакал и го исрал позади тој коњ, и он нема избор, или со него ќе собира картон или ќе треба да се обеси на некое дрво, нема други опции за него, он веројатно нема лична карта и е неписмен, некој друг пред него така го оставил на улица да се бори за опстанок, не идат тие работи како што вас ви се чинат онака седнати на макијато во некој од кафиќите за несфатени...

Животот си има свои правила, текот на парите, капитализмот, понуда побарувачка, ситуација у држава, раса, пол, етнос, вера, кој град си се родил и живееш, кој ти се родители, со какво здравје си се родил, дали те акнала кола како мал, се се тоа сложени механизми, правила, процеси, кои се вртат како машина и секој од нас трча по некоја патека која единствена му останала пред него по многуте погрешни и исправни свртувања на раскрсниците додека растеме и старееме... 

 

 

* реклами:

 

 

Колумни

Македонија