(ФОТО ГАЛЕРИЈА) ГОЛЕМ БРОЈ НА СПОРТСКИ И РЕКРЕАТИВНИ МАНИФЕСТАЦИИ ПО ПОВОД ДЕНОТ НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ

Објавено на 14.11.2018 во 13:45:30 часот | Македонија

Во рамки на активностите за одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, денеска (11.11.2018 година, Скопје) се одржаа поголем број на рекреативни и спортски манифестации кои се финансиски поддржани од Градот Скопје.

Во спортската сала “Македонски херои” на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје започна петтото издание на турнирот во карате “13 Ноември“. На турнирот, кој ќе трае два дена, ќе учествуваат повеќе од 400 натпреварувачи од Македонија, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Црна Гора. Овој турнир е еден од најстарите на просторите на поранешна Југославија и за првпат се организира во 1974 година, но истиот згасна. Пред 5 години истиот е возобновен со поддршка на Град Скопје, а истиот е во организација на карате клуб „Цветан Димов“.

 

На карате турнирот на присутните се обрати и градоначалникот Шилегов, кој им посака добредојде и им пожели успешен настап. Градоначалникот Шилегов на најдобрите во повеќе категории им додели медали, а за добрата соработка и поддршката тој доби благодарница од организаторот на турнирот.

Во организација на Сојузот на спортови на Скопје денеска се одржа велосипедско дефиле (караван), на кое учество зедоа повеќе од 250 велосипедисти. Велосипедското дефиле се движеше по патека долга 11 километри, истата беше без натпреварувачки карактер, каде нејзините учесници се движеа со диктирана брзина од 20км/ч.  

 

Велосипедистите возеа по следната траса: бул. Илинден, од фонтаната „Лотосов цвет“ до крстосницата со ул. Љубљанска (кај ТЦ „Скопје Сити Мол“), потоа по ул. Љубљанска и ул. Московска (студентски дом „Гоце Делчев“), преку бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, ул. Димитрие Чуповски и ул. 11 Октомври, до крстосницата со бул. Кочо Рацин, преку бул. Крсте Петков Мисирков, кај ТЦ „Мавровка“, по бул. Гоце Делчев и истата заврши повторно на фонтаната „Лотосов цвет“ во Градски парк.

По завршувањето на дефилето, во Градскиот парк се организира големо дружење и лотарија на која беа доделени награди во вид на велосипеди и велосипедска опрема. Во дефилето на велосипеди учествуваше и градоначалникот Шилегов, кој на лотаријата извлече и додели дел од наградите.

 

Во рамките на одбележувањето на 13 Ноември денеска во спортскиот центар Борис Трајковски – Скопје (мала сала), по деветти пат се одржа меѓународниот џудо турнир „МИОКИ ОПЕН“, во организација на џудо клубот МИОКИ, а поддржан од Град Скопје. Претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, го отвори турнирот, ги поздрави сите триста и повеќе учесници (момчиња и девојчиња, генерациски опсег 2001 – 2009 година), џудо спортисти од Македонија, Србија, Грција, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Романија и Турција) и им посака успешно завршување на натпреварите на турнирот, како резултат на фер и коректна спортска борба.

 

Во спортската сала во Чаир „Шабан Трстена“ се одржа меѓународен младински турнир во борење, додека денот ќе заврши со одржувањето на традиционалната атлетска трка „13 Ноември“, на која учество ќе земат повеќе од 200 натпреварувачи. Трката ќе се одржи по улиците во централното градско подрачје и во рамки на истата ќе се организира рекреативна трка за средношколци кои ќе трчаа на патека во должина од 1.200 метри, како и главната трка која ќе се одржи на патека во должина од 6.000 метри.

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет