БОМБА НА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: Патешествието на Груевски низ Црна Гора наликувало на шпионски филм. Го чекале разни унгарски дипломати, се менувале возила, а примопредавањето се одвивало во мотел. ДВ дознава дека Груевски сепак минал низ Србија!

Објавено на 16.11.2018 во 00:10:00 часот | Македонија

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski (Reuters/O. Teofilovski)

Македонската лична карта и унгарското дипломатско возило му овозможиле на поранешниот премиер Никола Груевски удобна прошетка низ три балкански држави до пристигнувањето до крајната дестинација- Унгарија. Притоа, она што се случувало од моментот кога Груевски влегол во Црна Гора, па до влезот во Србија повеќе наликува на некој шпионски филм, одошто на реална приказна. 

Извори во полицијата во Црна Гора, кои побараа анонимност, за ДВ потврдија дека Груевски својот пат од таа земја го продолжил кон соседна Србија. 

Претходно, во официјалното соопштение на црногорската полиција беше наведено дека експремиерот влегол во земјата на 11 ноември со автомобил преку граничниот премин Божај. Влегол со лична карта, а излегол истиот ден со истиот автомобил во правец на Србија. 

Според сознанијата на Дојче веле, вака изгледало патешествието на Груевски низ Црна Гора: 

- Во 19:10 часот влегол во земјата преку преминот Божај. Таму го пречекале двајца службеници на унгарската амбасада во Подгорица.
- Со возило Фолксваген Џета бил пренесен во Подгорица. Таму веќе го чекал заменикот- амбасадор и заедно со уште едно лице влегле во друго возило и се упатиле кон граничниот премин Добраково.
- Таму пристигнале околу 22 часот. Влегле во Србија и таму им го предале Груевски на други унгарски дипломати кои за таа цел пристигнале од Белград. Средбата со дипломатите од белградската амбасада и размената на бегалецот се случила во мотелот Лукс пред влезот во Пријепоље.

И во Србија, како и во Црна Гора, Груевски влегол со лична карта затоа што во тој момент по него се уште немаше распишано меѓународна потерница од македонското МВР. 

Лична карта за слободна прошетка

Властите во Албанија се уште истражуваат кога и како Груевски влегол во нивната земја. Се претпоставува дека Македонија ја напуштил по илегален пат, но не се знае каде и како, ниту дали и во тој дел имал помош од унгарските дипломати. Она што е потврдено е дека граничните системи во Албанија не лоцирале легален влез на Груевски во нивната земја. 

Во унгарската амбасада во Тирана, Груевски најверојатно формално се изјаснил дека сака да поднесе барање за азил. Тоа денеска го потврди и шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, иако одби да каже за која држава станува збор. Веројатно од таа причина и унгарските власти побрзаа да се оправдаат оти го примиле Груевски директно во Будимпешта, а не во некој од транзитните центри, од безбедносни причини. 

За разлика од албанската и црногорската полиција, македонската се уште истражува и молчи. 

Тоа пак создаде вистински хаос и блага хистерија во информациите кои се лиферуваат во македонските медиуми. Од тоа дека Груевски преоблечен како жена влегол во Унгарија, па до вечерашната вест дека Груевски наводно се уште е во Албанија и всушност никогаш не ја ни напуштил земјата. 

Бројни медиуми се прашуваат како Груевски ги минувал албанската и црногорската граница без пасош, иако Македонија со години има договор со речиси сите западно-балкански држави кој овозможува граѓаните да се движат само со лични карти. 

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет