Кој апсурд, која иронија, НГО и граѓанскиот сектор не спасија од Груевизмот, НГО и граѓанскиот сектор сега ќе го вратат Груевизмот на власт!

Објавено на 30.11.2018 во 10:47:54 часот | Колумни

Саше Ивановски

Новинар, основач и сопственик на Мактел.мк


Тажна приказна е Македонија. Јојо земја.

Груевизмот беше срушен поради жестокиот отпор на НГО секторот, граѓанските организации, активисти, новинари, слободари, твитер заедницата кои никогаш не замолчаа пред чизмата на Груевизмот.

Но сега, истите тие кои ги срушија режимот, сега се најголеми кочничари на подемот и развојот на земјата затоа што се екстремно лево на политичкиот спектар.

За нив, се што економијата прави е неприфатливо. Секогаш има изговор, или е закана за екологијата, или е закана за нормалното урбано живеење, или е закана за некакво старо Скопје, или е закана за некаква праведност...

Како и да е, бизнисот е означен за главен непријател на народот и затоа мора да се уништи!

Со тоа, НГО и граѓанскиот сектор споро, но упорно, и сигурно, повторно ќе ни го вратат Груевизмот под палката на Мицко на власт за па да се тепаме 10 години со фашисти, анти-западни мафијаши и багабонти кои за жал многу подобро ја разбираат економијата од нашите левучари.

Владата на Заев е заглавена во кал, врзани и се рацете и нозете. Не може да отвори ниту еден рудник, ниту една железара, стопирани се сите ДУПОВИ, ГУПОВИ, МУПОВИ...

Све е стопирано во земјата. Па згора на тоа, бизнисот е натоварен со нови даноци и нови давачки. Значи не е доволно што не им се дава да работат, па уште и повеќе давачки треба да плаќаат, ова како сигурност дека ќе цркнат, да не случајно некој се спаси и куртули.

Тоа ќе значи само лошо за земјата, ниски плати, голема невработеност, дупки во буџетите и на крај ВМРО ДПМНЕ пак на власт, затоа што народот ќе се крене против власта, гладен стомак ќе бара промени и одмазда, нема да бара анализа кој е крив и каде е запело.

Кога тоа ќе се случи, крив ќе биде СДСМ, не доволно слушал, не доволно бил левичарски. Така е секогаш изговорот, за левичарите секој крах на левичарска економија не е причина за премислување на идеологијата, НЕ, секогаш изговорот е дека ете тие не го разбирале комунизмот и социјализмот, затоа економијата цркнала. Така е со Куба, Венецуела, Југославија, СССР, Северна Кореја, Русија...

Секогаш се гледа само кон Скандинавија каде земјите имаат огромни девизни резерви од времето кога 200 години биле суров капитализам или пак имаат огромни бенефити од природното богатство во вид на нафта, гас, руди и огромни количини на првокласна скапа риба. Со тие парични приливи, овие земји успеваат да ги платат левичарските утопии и забегувања.

Но една Германија, Јапонија, Италија кои немаат толку многу ресурси, никогаш не се осмелија да забегаат лево економски па да стопираат се и да удрат на јаки даноци. Една Америка, која има природни ресурси како Скандинавија, не се осмелува да забега лево економски, сеуште се дебатира и анализира што предизвика бесплатното здравство за сите наречено Обамакер на Обама, дури се мислат и да го укинат.

Исто се мислат и со задолжителната пензија која се вика Сошал Секјурити, и таа програма е во длабока буџетска дупка, како и бесплатното здравство и лекови за старите лица, која се вика МЕДИКЕР.

Секако, левицата предводена од Берни Сандерс притиска за вистински социјализам во Америка, но кандидатите на ова крило на демократите речиси и да доживеа дебакл на последните избори за конгресот и сенатот.

 

 

* реклами:

 

 

Колумни

Македонија