Новинарите добија бесплатна телефонска линија за помош при напади, уцени, закани...

Објавено на 11.01.2019 во 11:21:20 часот | Македонија

Мисијата на ОБСЕ во Скопје во партнерство со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денес во Скопје на ја промовираше бесплатната телефонска линија 0800-11-011 за помош на новинари во случај на закани, напади и насилство кон нив.

Бесплатната телефонска линија ќе функционира 24/7 и ќе овозможи помош и поддршка на новинарите и медиумските работници во случај на заплашувања, закани, вербални или физички напади, онлајн вознемирување, родово насилство, уцени и останато загрозување на безбедноста.

Телефонскиот оператор ќе ги советува новинарите и медиумските работници како да постапат во одредени специфични ситуации преку информирање за механизмите на делување кои им се на располагање.

– Нападот врз новинарот е напад врз демократијата. Заканите и заплашувањата често доведуваат до самоцензура, го ограничуваат просторот за проток на идеи и мислења – рече заменикот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн, додавајќи дека ОБСЕ со својот сеопфатен пристап кон безбедноста, работи на обезбедување услови медиумите да работат слободно и новинарите да можат непречено и безбедно да ја вршат својата работа – без страв од заплашување или закани.

– Квалитетно новинарство не е можно без постоење услови за безбедна работа на новинарите и медиумските работници. Клучно е на нашите колеги да им овозможиме помош кога ќе се соочат со кој било вид на насилство – рече в.д. претседателот на ССНМ Ѕвездан Георгиевски.

За време на прес-конференцијата, Мисијата донираше елеци и заштитни капи за репортери членови на Здружението на новинари (ЗНМ)

 

 

* реклами:

 

 

Македонија

Свет