Насилниците во иднина ќе се гонат кривично за насилство врз жени и девојки

Објавено на 10.02.2019 во 20:01:38 часот | Македонија

Насилството врз жените и девојките беа разлика, дали е физичко, психичко, на работно место, јавен простор или пак најновото сајбер насилство ќе се третира како кривично дело. Ова се дел од законските измени, што Македонија треба да ги направи, вели Бети Пеева од НВО „Ехо“-Штип.

Пеева, која е вклучена во законските измени и во пилот проект, кој се спроведува во Штип и во Струмица, вели дека насилниците на овој начин ќе одговараат согласно кривичниот законик, а колкава ќе биде висината на затворската казна, за ова прашање треба да се изјасни експертската јавност. Хрватска и Србија се држави, што ова веќе го имаат сторено, а Македонија и Косово во моментов ова го работат.

– Она што дефинитивно инсистира Истанбулската конвенција е всушност дека треба да се има многу широк, мултусекторски интегративен пристап во спречување и заштитата на жените и девојките од насилство. Меѓутоа и ова да се третира како кривично дело. Секое насилство врз жени и девојки да се третира по службена должност, односно како кривично дело, вели Пеева.

Во новите законски измени ангажирани се експерти, невладини организации и од ресорните министерства, а особен придонес има и телото на ООН за родова рамноправност и жени, што и сега и претходните години дало силна поддршка за да овој процес се истурка.

– Како дел од тој процес „Ехо“ го спроведува проектот за примена на модел за интегративен пристап на пакетот неопходни услуги за жени и девојки жртви на насилство. Во овој пакет на услуги се наоѓаат оние, коишто се на првата линија на поддршка и заштита на жените и девојките жртви на насилство. Тоа се всушност, полицијата, социјалните служби и правосудството, здравствените установи и специјализираните даватели на услуги, односно граѓанските здруженија, рече Пеева.

Таа забележува дека во системот за заштита на жртвите и превенцијата најслабата алка се социјалните служби, коишто се пренатрупани со други работни обврски. Теренските истражувања покажуваат и дека жените и девојките од руралните средини не се информирани за поддршката, што можат да ја добијат од институциите во случај на насилство. Пеева вели дека како невладини сектор се задоволни што Министерството за труд и социјална политика ги вклучува во сите овие активности околу законските измени. Последните анализи за бројот на жртви на насилство се правени во 2015 година, а во изминатите три до четири години се случиле над 30 фемициди, односно убиство на жена, затоа што е жена.

Во меѓувреме се чека и на донесување на законските измени во Законот за бесплатна правна помош, што во моментов е рестриктивен и до бесплатна правна помош неможат да дојдат социјално ранливите категории на кои најмногу им е потребна и оваа помош.

 

 

* реклами:

 

 

 

Македонија

Свет