НЕКОИ ОД ШАРЕНИТЕ РЕВОЛИУЦИОНЕРИ ГАДНО ЗАГЛАВИЈА СО ОГРОМНИ КАЗНИ, ЌЕ МОРА ДА СЕ ОРГАНИЗИРАМЕ И ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ СО ДОНАЦИИ!!!

Објавено на 24.03.2019 во 00:02:16 часот | Македонија

Беше меѓу најгласните за време протестите во 2016-та година. Денес е меѓу активистите со најголем број казни поради тоа. Ирена Стеријовска има толку многу прекршочни пријави за боењето објекти и улици, што повеќе не ги ни отвора пликоата кои и стигаат од Секторот за прекршоци при Министерството за внатрешни работи.

Досега има 20 извршни казни и уште толку во процедура. За нејзиното учество во Шарената револуција треба да плати околу 4.000 евра.

„Со таквата одлука, со таквите казни, државата на некој начин им испраќа порака на граѓаните дека не е толку исплатливо луѓето да се борат за подобро утре. Она што јас сметам дека е најголемата трајна вредност на Шарена револуција е што им дадовме на идните генерации аргумент дека доколку се самоорганизираат и се во право апсолутно можат да го постигнат тоа за што се залагаат. Е сега, оваа ситуација им праќа порака на граѓаните – да дечки, ама тоа ќе ве чини 100 евра од протест“, вели Стеријовска.

Едно од решенијата која ги добила Стеријовска

Таа нема намера да ги плати казните, бидејќи смета дека е апсурдно да плаќа казни затоа што со нејзините соборци се организирала во борба за подобра иднина. Сепак, она што за неа е најзагрижувачки е тоа што додека активистите се гонат за постапки кои не направиле никакво трајно оштетување, делата кои сè уште претставуваат опасност по здравјето и животот на граѓаните остануваат неказнети.

„Зошто не се покренува постапка за опасните згради и фасади во рамките на „Скопје 2014“, кои оставиле трајни последици, оштетувања, и до ден денеска претставуваат постојана опасност за граѓаните кои живеат и работат во тие објекти? А, авторите и фирмите кои ги работеле тие фасади и згради се многу поликвидни од граѓаните кои треба да плаќаат по 100 евра од протест. Зошто воопшто не гледаме никаков епилог во однос на „Скопје 2014“? Не од естетски, туку од безбедносен аспект? Од аспект на дадени многу пари а кровови кои прокиснуваат, сцени кои не функционираат, подруми кои се поплавуваат, налепени фасади каде постои кислород помеѓу старата и новата фасада кој е лесно запалив… Сметам дека постојат многу поважни и поитни реакции кои треба да се испитаат од државата отколку нешто што е исчистено пред три години“, смета Стеријовска.

Сличен број на казни има добиено и Алек Гочев. 7 извршни и уште 32 во процедура. Му пристигале целиот период по крајот на Шарената револуција. Иако смета дека сегашната власт не е директно одговорна за казните, бидејќи постапката била покрената за време на поранешната власт, сепак е разочаран бидејќи во меѓувреме ништо не е преземено за да се реши овој проблем.

„Тие казни се провлекуваат во последниве две години. Таа процедура мораше, на крајот на денот, и некако да заврши. Ние, како учесници во Шарената револуција не го спориме прекршокот што сме го сториле за време на тие протести и не нè чуди одлуката на Комисијата за прекршоци, или Судот за прекршоци. Можам да кажам дека сум разочаран од однесувањето и неажурноста на власта да преземе нешто околу овие казни кои што пристигнуваат. Не во смисла дека тие треба да се поништат, или „да се стават во фиока“, туку треба да се најде некое легално решение бидејќи сепак Шарената револуција, во голем дел придонесе да се промени владејачката гарнитура и да дојдеме до демократизација во државата. Треба да има некој заеднички јазик помеѓу активистите и власта со која, како партнер во тие протести додека беше опозиција, стоевме на иста страна против тогашниот режим“, вели Гочев.

Гочев вели дека бројката и кај останатите казнети учесници во Шарената револуција се движи по околу 30-тина прекршочни пријави. Ако се соберат сите казни кои ги добиле активистите, сметката која МВР ја испорачала за штетата од Шарената револуција се движи меѓу 20 и 25 илјади евра. Тој посочува дека извршувањето на казните сè уште не е започнато кај најголемиот дел од активистите, додека на координациите, кои ги прават активистите од движењето, се дискутира казните да се плаќаат преку собраниот фонд од донациите кои граѓаните ги даваа во текот на протестите во 2016.

„Предвидено е да се користи по принципот – кому прв ќе му биде блокирана сметката, да се покрие неговата казна. Досега имаме платено казни стигнати на десетина активисти. Додека не најдеме заеднички јазик со власта, а се надевам дека ќе најдеме, ќе се црпи овој буџет на Шарена револуција. Доколку не се најде заеднички јазик, ќе се покрива делот кој може од фондот, а останатиот дел, веројатно ќе треба лично да ги сносиме трошоците“, објаснува Гочев.

„Нема правда – нема мир“ беше главната идеја зад Шарена револуција. Стеријовска за своите соборци, кои презедоа функции во власта, вели дека се премалку за да направат радикални промени. „Шарена револуција доби неколку места со нејзините претставници, но Шарена револуција не е на власт. Тоа се многу различни работи“, вели таа.

Нејзината главна замерка е што активистите од движењето, кои станаа дел од законодавната власт, го притиснале зеленото копче за амнестија на обвинетите од насилниот упад во Собранието на 27-ми април.

„Не мислам дека во име на политичките прагматизми идеалите на Шарената револуција треба да бидат ставени во втор план. Амнестијата на луѓето за 27-ми, како и отварачите на вратите и организаторите… беше изгласана со повеќе од 90 гласа. Зошто тие двајца, тројца претставници на Шарена револуција морале да го притиснат копчето „за“? Тие не веруваат во тоа. Гарантирам дека не веруваат во тоа. Но, во име на некој политички прагматизам го притиснале копчето. Јас повеќе би очекувала од моите соборци, а и од себе кога би била таму“, додава таа.

Гочев, пак, од претставниците на Шарената револуција во власта очекува да не ги премолчуваат работите за кои заедно се бореле.

„Ако Шарената револуција сè уште живее во секој од нив, се надевам дека нема да има причина повторно да се излезе по улиците. Но, дури тогаш би виделе дали тие лица го загубиле односот кон овој процес или сè уште веруваат во него и се искрени во намерите кои ги имале и тогаш, па и денес“, објаснува Гочев.

Досега од Владата за проблемот со казните на активистите единствено се огласи премиерот Зоран Заев. Преку Фејсбук тој порача дека „претставници на извршната власт ќе го разгледаат прашањето со прекршочните казни“ и дека „ќе разговараат со засегнатите граѓани за можни решенија, со целосно почитување на судската власт, но и почитување на демократските принципи и интегритетот на граѓаните“.

 

 

* реклами:

 

 

 

Македонија

Свет