(ВИДЕО) Павле Богоевски ќе ја води комисиската расправа за пратеничкиот мандат на Никола Груевски

Објавено на 19.05.2019 во 22:04:39 часот | Македонија

Претседателот на мандатно – имунитетната комисија Павле Богоевски ќе ја води комисиската расправа за одземање на пратеничкиот мандат на поранешниот премиер Никола Груевски, брифираат за 1ТВ собраниски извори. Но, не е исклучена и можноста да претседава неговата заменичка Снежана Калеска Ванчева, поради скандалот со аудио-снимката за која политичките противници на Богоевски тврдат дека е нарача на кокаин, а тој се изјасни дека нарачувал масло од канабис.

Расправата за мандатот на Груевски ќе биде закажана од понеделник. Но, прво, како што вчера објавивме, низ собраниска комисија ќе бидат реформите во безбедноста.

Додека се чека епилог – дали поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ Груевски ќе остане без пратеничкиот мандат, опозициската партијата останува на барањето Богоевски да си поднесе оставка. Помладокот на ВМРО ДПМНЕ пред собранието на Богоевски му остави килограм брашно.

„Павле, брашново се купува во продавница исто како и маслото од канабис што се купува во аптека. Заеви ја садат марихуаната. Прашај ги. Немој да се резилиш со вакви образложенија. Ако си по друг бел прашак, следниот пат ќе ти оставиме и за перење. Павле, отвори си пекара и хемиско чистење ако толку си по „бело”. Не вака, штом ќе кренеш рака и прозбориш во Собранието да мислиме дека ти фали „пола” и тоа те вознемирува“, изјави Сергеј Попов од УМС на ВМРО ДПМНЕ.

Богоевски не го коментира чинот на неговите политички опоненти.

Претходно, собранискиот спикер Талат Џафери не дозволи нарко-тест за пратениците. Во меѓувреме, МВР и скопското обвинителство го чешлаат скандалот. Што и дали нарачувал дрога истражува ОЈО, а ќе го бара и таксистот кој го снимал. Паралелно, бараат и кој е „Илија Громовник“, псевдонимот од каде беше објавена снимката на социјалната мрежа Вконтакте. Како што веќе објави 1ТВ обвинителството чека одговор од Русија, кој стои зад објавувањето на аудио-снимките? По објавата, Богоевски снимката ја поврза со комисиската расправа за одземање на мандатот на Груевски.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет