ПРЕМИЕРОТ СО ПОФАЛНИ ЗБОРОВИ ЗА ЛИДЕРОТ НА ШАРЕНИТЕ: Павле Богоевски си ја сака земјата до небо, неговата одлука е храбра!

Објавено на 24.05.2019 во 12:33:34 часот | Македонија

 Премиерот Зоран Заев ја поздравува одлуката на пратеникот Павле Богоевски да поднесе оставка на функцијата и смета дека е храбра и во функција на понесување  одговорност за етички работи за кои граѓаните очекуваат политичарите да повлечат чекор во таа насока.

-Многу е важно секој од функционерите каква одговорност носи во делот на  неговото извршување на обврските пред граѓаните, пред институцијата и  државата. Секогаш кога одреден дел од неговиот приватен живот нема влијание врз извршувањето на работите сметам дека е добро и тоа го искоментирав. Но, тоа е негово право на лична и морална одлука и јас ја поздравувам оставката, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека Богоевски е одличен пратеник и еден од симболите на Шарената револуција, поради што, нагласи, ќе му биде задоволство да продолжи да работи со таков човек и во иднина.

-Како и да одлучи и во кој сегмент од својот живот да работи мене ќе ми биде драго да соработувам со човек што си ја сака земјата до небото и сака  да се вгради во нејзиниот успех. Верувам дека ќе изнајдеме начини за идни соработки, потенцира Заев.

Прашан дали очекува пратениците да му го одземат мандатот на пратеникот Никола Груевски посочи дека Уставот  и Деловникот на Собранието се многу јасни и дека станува збор за чист случај поради што очекува да се постапи согласно Деловникот.

-За чистите случаи барам да нема политиканство. Имаме бегалец надвор од државата кој добил азил надвор од меѓународните стандарди. Верувам дека најмалку што треба да направи Парламентот е да  ја донесе принципиелната одлука. Тоа не значи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ му мислат  лошо и за нив е непријател.  Одлуката е принципиелна и треба да се почитува Уставот и Деловникот. Очекувам да се постапи согласно Деловникот зашто тоа им го должиме на граѓаните, посочи Заев.

За реакциите од ДУИ за именувањето на Ерол Муслиу за директор на Агенцијата за разузнавање посочи дека треба да се разговара за причините за реакцијата и за именувањето и додаде дека верува оти ќе се изнајде решение преку дијалогот.

-Тоа е прашање надвор од мојот домен и е за нашиот претседател. Многу политички партии застанаа зад него и затоа апелирам да разговара со партнерите, бидејќи креираме заеднички политики. Реакцијата е неслучајна и затоа треба да се разгледаат деталите и да се  расчистат причините и потребите за именувањето и за реакцијата, рече Заев и нагласи дека верува оти ќе се изнајде решение.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет