Бесплатно прегледајте си ги бенките на Клиниката за дерматологија од 28 до 30 мај!

Објавено на 24.05.2019 во 12:48:22 часот | Македонија

Бесплатни прегледи на кожата од 28 до 30 мај организира Универзитетската Клиника за дерматологија во Скопје во рамки на кампањата „Еуромеланома 2019“ за борба против ракот на кожата, во којa учествува 10. година по ред.

Годинашнава кампања, поддржана од Здружението на дерматовенеролозите на Македонија, се одржува под слоганот „Борбата против ракот на кожата започнува во вашата глава“.

Целта на оваа превентивна кампања е подигнување на јавната свест во борбата против ракот на кожата. Кампањата повикува на превенирање, рано препознавање и излекување на ракот на кожата ако се открие на време.

Превенцијата од рак на кожа подразбира правилна заштита при изложување на сонце. УВ радијацијата од сонцето е најголем ризик фактор за појава на рак на кожа. Редовната проверка на кожата во врска со изгледот на бенките, со самопреглед и/или преглед кај дерматолог, помага за рано препознавање на рак на кожа, кој може да се лекува, ако се открие во рана фаза на развој.

– Иако слоганот и визуелната кампања на Еуромеланома, секоја година се менуваат, нашата основна задача е иста, да ги информираме и едуцираме луѓето дека малигните тумори на кожа, односно карциномот на кожа, меѓу кои е и меланомот, се излечиви доколку се откријат на време – вели прим. д-р Нина Цаца Биљановска, директорка на Клиниката за дерматологија.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет