(ВИДЕО) Заев: Планираме да ги покачиме платите во образованието

Објавено на 24.05.2019 во 12:56:38 часот | Македонија

Правиме сериозни планови, мотивирањето на наставниците за новите обврски во училиштата, да биде поткрепено и со поголеми плати во образованието, изјави премиерот Зоран Заев пред почетокот на настанот „Цели за одржлив развој: Јавна расправа – Јасна визија за квалитетно образование“.

„Потребно е да се вклучиме сите, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, директорите, ректорите, деканите, максимално посветено и навремено да работиме на реформите во образовниот процес“, порача Заев.

Тој во изјава за медиумите рече дека Владата е посветена на спроведување на реформите во образованието, кои се исклучително важни за обезбедување на квалитетен живот на младите, поттикнување и зголемување на економскиот развој и раст на севкупната наша економија.

„Во Програмата за работа на Владата, ветивме, дека нема да воведуваме избрзани и нефункционални проекти, туку мерките и реформите во образовниот процес ќе ги носиме преку одржување на јавни дебати со сите засегнати страни. Денеска разговараме јавно за интересите на наставниците, учениците, професорите, нивните родители. Ние како Влада, ги почитуваме современите европски практики, според кои основни и најважни столбови на општеството се обезбедувањето на инклузивно, недискриминаторско и квалитетно редовно образование за сите деца без исклучок, првенствено за учениците со посебни потреби и учениците од останатите ранливи категории. Ќе разговараме денеска за германското искуство, имплементирањето на системот на дуално средно стручно образование, со што се обезбедува практично применливо знаење на учениците и се добива квалификуван и корисен кадар, конкурентен на домашниот пазар и странскиот пазар на трудот“, рече Заев.

Премиерот додаде дека преку Министерството за образование и наука ќе продолжат со јакнење на стручното усовршување на сите наставници и стручните соработници за инклузивно образование.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет