Пендаровски: Делата и поуките што ни ги оставија Светите браќа нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност

Објавено на 24.05.2019 во 13:51:05 часот | Македонија

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Почитувани сограѓани,

Дозволете да ви го честитам 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј. Овој голем празник посветен на Светите браќа Кирил и Методиј, кои сосвоето дело им го отворија патот на словенските народи кон описменување и духовност, е темел и на македонското јазично, културно и духовно суштествување како рамноправен народ во семејството на словенските народи.

Светилниците на словенската цивилизација и писменост и заштитниците на Европа, Св. Кирил и Методиј се изборија за правото на употреба на старословенскиот јазик во богослужбата, докажувајќи дека не постојат мали и безначајни јазици. Нивната визија и вредностите што ги промовираа и по повеќе од десет века се актуелни и релевантни.

Честитајќи го големиот празник би сакал да потсетам дека делата и поуките што ни ги оставија Светите браќа нè обврзуваат да се стремиме кон еднаквост и рамноправност, и да градиме општество со еднакви можности за сите без разлика на род, вера, етникум или која било друга припадност. Општество во кое образованието и културата се од суштинско значење и право на секој наш граѓанин.

Нека ни е честит 24 Мај, Денот на словенските просветители Св. Кирил и Методиј.

 

 

* реклами:

Македонија

Свет