Заев нема да го враќа мандатот, но ќе предложи нова влада

Објавено на 29.05.2019 во 14:54:49 часот | Македонија

Веќе е извесно дека во јуни Македонија ќе добие нова влада предводена од премиерот Зоран Заев. Ова го навести премиерот, но го посочува и збирот од веќе сменетите министри, именувањето нови на празните места и изборот на новите министри кои ќе произлезат од договорот помеѓу владините партнери Заев и Али Ахмети.

Доколку Заев реши сега да смени само двајца министри, тие заедно со веќе сменетите  ќе го исполнат лимитот од една третина од обновените имиња во владиниот кабинет и тогаш Собранието ќе треба да избира нова Влада.

Тоа ќе значи дека Собранието ќе води единствен претрес кој ќе трае најмногу два дена, а гласањето ќе се врши по завршувањето на претресот, најдоцна до полноќ. За да се избере нова влада, ќе треба да гласаат 61 пратеник.

 

Според објаснувањето од Министерството за правда, во таков случај, Собранието ќе ја гласа владата во пакет, но тоа не подразбира дека Заев ќе треба да го врати мандатот на претседателот на државата Стево Пендаровски и од него повторно да бара нов мандат за состав на влада. Премиерот ќе треба да го достави до Собранието новиот состав на владата, а Парламентот со 61 глас да ја изгласа новата влада. При реконструкција на владата, пак, се гласаат само новопредложените министри, а не целиот кабинет.

Според актуелниот состав на Владата, која со премиерот брои вкупно 26 министри и вицепремиери, една третина се 9 министри. Тука се бројат и веќе направените смени на министри откако е конституирана владата од 2017.

Од формирањето на владата на Заев, досега имаше смени во министерствата за култура, здравство, образование, правда, две смени кај министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите и една на министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

Повторно ќе има смена во ресорот култура откако Асаф Адеми поднесе оставка, во земјоделие откако министерот Љупчо Николовски е именуван за генерален секретар на СДСМ, а за прв пат треба да се избере министер за новото Министерство за политички систем откако се укина Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

Заев по седницата на Централниот одбор на СДСМ, најави смена на министри, заменици-министри и други функционери. Имајќи предвид дека досега се променети шест министри, тој рече дека вкупната бројка е блиску до една третина.

– Првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на Влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и од правници – рече тогаш Заев.

Според член 94 од Уставот, доколку претседателот на Владата предложи разрешување на повеќе од една третина од членовите на Владата од првобитниот состав, Собранието одлучува како за избор на нова Влада.

До крајот на неделава, по средбата меѓу Заев и Ахмети, се очекува да биде појасно колку вкупно министри ќе се збогуваат од Владата и кои ќе бидат новите кадри од СДСМ, ДУИ, Беса или ДПА кои ќе седнат на Илинденска бр. 2.

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет