КОНЕЧНО ЌЕ СЕ ДОЗНАЕ МЕСТЕНКАТА: СЈО ќе ги достави „бомбите“ за Монструм во судот, ќе одекнуваат од 22 август

Објавено на 01.07.2019 во 21:50:49 часот | Македонија

Ново вештачење на 31 телефон ќе биде изработено и претставено како нов доказ на судењето за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

Судијата Огнен Ставрев појасни дека телефоните биле одземени при претрес направен за време на првичната истрага.

– Телефоните ги најдов во депо во полиција. Полицијата ми рече дека сега ќе се прави вештачење со нова технологија што тогаш не била достапна, појасни Ставрев.

Обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО го информираше судот дека по завршувањето на овој дел од постапката ќе предложи како нови докази аудио снимки и транскриптите од сите разговори поврзани со случајот, а доставени до СЈО во декември 2015 година од политичката партија СДСМ.

Судот, посочи дека ќе му биде потребно време да се запознае со содржината по што ќе биде договорено нивно изведување.

На денешното рочиште за случајот „Монструм“ на СЈО беше сослушан само еден сведок во судница. Тој на прашање од судот рече дека со Фејзи Азири се познава од општинска прослава по повод легализација на земјиште на кое присуствувале заедно.

– Со господинот се знам на два часа од настан во општината. Да не задоцнеше два часа тогаш со министерот Јанакиески немаше да се запознаам, изјави сведокот.

Сведокот се пријави сам на денешното рочиште, откако како што рече, дознал од комшии дека полицијата го барала за сведок.

Судењето за „Монструм“ продолжува на 22 август.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет