Заев верува дека во октомври ќе добиеме датум за почеток на преговори

Објавено на 03.07.2019 во 20:10:47 часот | Македонија

Премиерот Зоран Заев лично верува дека земјава во октомври ќе добие датум за почеток на преговори, а оти во декември ќе почне со отворање на поглавјата 23 и 24. Тоа, според него, би била награда за се што Северна Македонија сработила. За новото раководство на ЕУ смета дека се докажани пријатели на земјата и оти ќе работат и во интерес на земјите кандидати, но и за напредокот на самата Европска унија.

-Убеден сум дека во октомври ние ќе ја добиеме одлуката за почеток на преговорите. Притоа ЕУ да се реформира, да дебатира, ние ќе преговараме за поглавјата. На крајот дали ќе има проширување на Унијата или не имаме време да видиме барем до 2025 година. Иако дебатата за реформи, за промена, за иднината на ЕУ е отворено прашање за кое дискутираат европската институции, Унијата и земјите членки, тие потврдиле дека можат да ја реформираат ЕУ, а во исто време да ја држат мотивацијата на земјите кандидати во напредување кон зачленување, рече премиерот Зоран Заев.

Верувам, рече премиерот Заев, дека Европа нема иднина без проширување, без нови земји членки и знам дека тоа го знае ЕУ, а ние треба да продолжиме да ги нудиме своите аргументи.

Новата претседателка на ЕК Урсула фон дер Лајен, според премиерот, е докажан пријател на Македонија. Таа, рече, како досегашна министерка за одбрана на Германија секогаш ја поддржувала земјава, најексплицитно за НАТО интеграцијата.

-Таа носи огромно чувство за проширувањето како процес, дали е тоа за НАТО или ЕУ. Во новата претседателка ние имаме голем пријател, рече Заев по пуштањето на Контролниот центар за патарини во Петровец.

Тој додаде дека имал прилика досега да контактира и со останатите новоизбрани функционери на ЕУ, кои како што рече, ќе работат во интерес на земјите кандидати, но и на самата Унија.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет