СЛОБОДАН УНКОВСКИ: Квазичувари на химната, глутница на грдото, се храните ли со нешто друго освен со отров, злоба, жедни ли сте за крв, за сотирање на и она малку што е убаво и по што не препознаа во светот?

Објавено на 06.07.2019 во 00:38:42 часот | Македонија

Се прашувам од каде исплива овој квазипатриотски талог за да ја сотре ако може Тамара? Им е криво што беше најдобра на Евровизија? Им пречи дека пееше на Прајд? Или навистина е причината за оваа непримерна хајка дека не ја отпеа целата химна? Бидејќи се работи за робот, грешка не прифаќате, вие никогаш и никаде не сте грешеле. Па уште ќе ја судите, ќе ја санкциониате бидејќи вие ги знаете тајните завери и намери за сотрување на нашево постоење и нација.

Сто години стоиме на местото за жртва и никако да и се израдуваме на можноста да станеме активен чинител во својот спас, напредок и радост. Квазичувари на химната, глутница на грдото, се храните ли со нешто друго освен со отров, злоба, жедни ли сте за крв, за сотирање на и она малку што е убаво и по што не препознаа во светот? Македонецот не успеа да го стави во ред својот сопствен свет, да ги артикулира и разбере своите трауми а особено работите кои не може самиот да си ги објасни, а лутината која му е насобрана од неправедната транзиција наваму и се што потоа се случуваше во овој четврт век, му се враќа повторно и повторно, усмерена кон виновникот кој дента е распнат на порталите.

Суштинската потреба за правда и организирана држава, нема да се реализира со черечење на било кој на фејсбук. Ќе го поминеме ли целиот живот во омраза, раскинување на сограѓаните, во негативни емоции и состојби за кои ни е крива државата, владата, Европа или Тамара? Мора македонецот да е длабински несреќен кога така здушно, така агресивно, има потреба да ги уништи своите мали моменти на среќа, на национална гордост, на спокој.

Не ни е лесно ниту со новото име, ниту со сите процеси кои одат поспоро отколку што се надеваме, не ни е лесно што сме на Балкан, не ни е лесно што ни отидоа најквалитетните луѓе надвор. Овој момент е болен зошто треба да ги пресечеме ланците на ретроградното, на доминација на простото и грубото, на гледање наназад од кола што оди со огромно забрзување нанапред…

Можеби ќе ја отпее химната, некој похрабар, онака како што е напишана, на втори август. Никој ништо нема да и направи. Еден ден можеби и ќе се смени, тоа сега не го знеме. А до тој миг да им се радуваме на ретко убавите работи што ни се случија во последниов месец, два: ракометарите и младиот борачот шампиони, Тамара победник на Евровизија. Малку ли е тоа? Сакате повеќе или сакате поинаку? Дури и со вака нецелосна химна на Тамара, повеќе ми е мерак да излезам со Тамара во град отколку со разни увозни турбо пеачки како врв на нашиот провинциски културен живот, ниво на цивилизација. одбрана на идентитет и показ на патриотизмот во нашава Македонија. Северна, Жална, Просперитетна? Ние сме толку мали, толку малку не има, немаме луѓе за фрлање, мораме на секој што макар малку вреди во својата област, да внимаваме и да го сочуваме. Тамара, чиј успех го славевме на Евровизија, Тамара мајка, Тамара, во случајов несреќна пеачка на химната, е една од оние кои треба да ги пазиме и да ги сакаме. И да им простиме ако нешто згрешиле. Зошто грешките на нас останатите се можеби и поголеми и пострашни, ама немало кај да се видат.

Слободан Унковски

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Македонија

Свет