24 години од геноцидот во Сребреница, најголемиот масакар на балканот по втората светска војна: 33 жртви ќе бидат погребани во Поточари

Објавено на 11.07.2019 во 17:52:41 часот | Балкан

 
Во Меморијалниот центар Поточари денеска ќе бидат погребани посмртните останки на 33 нови идентификувани жртви, кои се пронајдени во масовни гробници во близина на Сребреница, на денот кога се одбележуваат 24 години од масакрот.

Секоја година на овој ден во Меморијалниот центар се организира сеќавање на жртвите од геноцидот.

Кон крајот на војната во Босна, на 11 јули 1995 година, силите на босанските Срби извршија масакр врз 8.000 босански мажи и момчиња во муслиманската енклава Сребреница. Тоа масовно убиство, кое е признато за геноцид од страна на меѓународното судство, е најтешко извршено злосторство во Европа по завршувањето на Втората светска војна.

На гробиштата на Меморијалниот центар Поточари досега се погребани останките на 6.610 жртви, кои се идентификувани со ДНК анализа. Се трага по уште над 1.000 исчезнати жители на Сребреница.

Досега Меѓународниот трибунал во Хаг, Судот на БиХ и судовите во Србија и Хрватска осудиле вкупно 47 луѓе со над 700 години затвор, издадени се четири доживотни пресуди за геноцид, злосторства против човештвото и други злосторства во Сребреница.

Претседателот на Собранието Талат Џафери заедно со пратениците Ферид Мухиќ и Зеќир Рамчиловиќ денеска ќе присуствува и ќе се обрати на одбележувањето на 24-годишнината од геноцидот во Сребреница.

Денеска во 18 часот во Скопје ќе се одржи симболичен Марш на слободата за сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница.

Местото на поаѓање е паркот во Чаир, а крајна цел е плоштадот Македонија, каде во 19 часот ќе се одржи програма посветена на овој ужасен настан од поновата историја.

 

 

* реклами:

 

 

 

 

Балкан

Македонија