„Макпетрол“ го доби тендерот за „зелена нафта“, биле единствен понудувач

Објавено на 12.07.2019 во 19:37:54 часот | Македонија

Макпетрол“ е избран за економски оператор за набавка на „зелена нафта“ за земјоделците – објави Платежната Агенција. И покрај тоа што 7 компании ја подигнале тендерската документација, до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, преку електронскиот систем, била доставена само една понуда за потребните количини за дизел гориво за земјоделска механизација.

Отворањето на понудите беше на 12.06.2019 година. На 3 јули годинава операторот „Макпетрол“ е известен дека е избран за најповолен понудувач, а во постапка е и склучувањето на договорот за набавка на гориво за земјоделска механизација – објаснуваат од агенцијата.

Тендерот „тежи“ 3,25 милиони евра. Директорот на Платежната Агенција соопшти дека првите платежни картички ќе почнат да им се распределуваат на земјоделците кон крајот на овој месец. Тие ќе бидат персонализирани и ќе им се доставуваат преку подрачните единици на Министерството за земјоделство.

Оваа мерка беше главен адут на СДСМ во предизборната кампања. Земјоделците алармираа пред две години, но и лани, дека поради огромните трошоци што ги имаат, таа треба да се воведе веднаш, но Владата ја имплементира дури сега. И додека во програмата се ветуваше дека преку неа, трошоците за гориво ќе се намалат за 50 проценти, сега се очекува намалување за 30 отсто. Земјоделците негодуваат дека е предоцна, бидејќи дури да стигнат картичките за гориво до нив, ќе помине жетвата. 55 илјади земјоделци ќе можат да ја искористат мерката за есенската сеидба.

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет