КАБРАНОВ: Песимист сум дека 1ТВ може да продолжи со работа. Многу сум разочаран од скандалот. Жал ми е за 70-на новинари, камермани и друг технички кадар кој вредно и чесно си ја вршеше работата, а сега ќе мора да се соочат со реалноста, да си бараат друга работа за егзистенција

Објавено на 19.07.2019 во 16:09:27 часот | Македонија

Додека јавноста е концентрирана на Бојан Јовановски и неговата улога во случајот „Рекет“, околу 100 вработени во 1ТВ стравуваат за својата иднина. Добиваат поддршка од граѓаните, но разочарани се од колегите новинари, пишуваДојче веле.

Бојан Јовановски, ака Боки 13, ретко кого оставал рамнодушен, во позитивна или негативна смисла. Неговото апсење како осомничен во случајот „Рекет“ се најде во центарот на вниманието на јавноста, а скандалот предизвика бура од реакции и политичко-правна криза чиј епилог е неизвесен. За разлика од главните актери кои секојдневно се на насловните страници, колатералната штета во скандалот засега не добива на гласност. Се работи за речиси 100 вработени во телевизијата кои од понеделникот наваму секојдневно стравуваат за својата иднина- професионална и егзистенцијална.

Засега телевизијата продолжува да работи нормално, вели една новинарка која сакаше да остане анонимна. Сите колеги и натаму доаѓаат на работа и си ги извршуваат дневните задачи, но стравот за иднината за куќата се чувствува на секој чекор.

„Сите бевме шокирани и збунети по апсењето на сопственикот, но се трудевме да ја одржиме професионалноста. Први ја објавивме веста за пресот на обвинителката Вилма Русковска и во живо ја пренесувавме прес-конференцијата“, вели уредник во телевизијата за ДВ.

Песимизам за иднината

Заминување од 1ТВ засега најавил само еден новинар-уредник. Во телевизијата веќе неколку недели ги нема уредниците кои работеле на проекти со хонорарни договори. Меѓу нив и, сега веќе, поранешниот главен и одговорен уредник Ацо Кабранов. Тој не е оптимист за иднината на 1ТВ по скандалот „Рекет“ во кој првоосомничен е сопственикот Бојан Јовановски.

„Песимист сум дека 1ТВ може да продолжи со работа. Жал ми е за 70-на новинари, камермани и друг технички кадар кој вредно и чесно си ја вршеше работата, а сега ќе мора да се соочат со реалноста, да си бараат друга работа за егзистенција“, вели Кабранов. Тој признава дека скандалот само ја забрзал неговата одлука за повлекување.

„И да не се случеше ова веќе се подготвував од здравствени причини да се повлечам. Но да бидам искрен, скандалот, иако телевизијата со ништо не е инволвирана во тоа, ми ја прелеа чашата и ми ја зацврсти одлуката дека требе да си заминам, да си бидам пензионер и да си го чувам здравјето“, вели Кабранов.

„Не можам да сокријам дека се повлеков со горчина, но искрено не заради мене, туку пред сѐ заради помладите колеги кои си ја сакаат професијата и не се штедеа. Тие буквално гинеа за телевизијата да биде меѓу најдобрите. Шокот кај сите нас и резигнираноста е голем и јас на колегите, пред сѐ на помладите им посакувам да се реализираат на некој друг медиум или таму каде што ќе се вработат.“

Колегите ни „фаќаат сеир“

Резигнираноста на Кабранов ја споделуваат и во телевизијата, но не од скандалот на сопственикот, туку од односот на колегите новинари од другите медиуми и од некои од честите гости во програмата.

„Секојдневно добиваме поддршка од граѓани, но разочарани сме од колегите кои ни „фаќаат сеир“, како и од луѓе кои беа чести гости на нашата програми и ја фалеа нашата професионалност“, вели уредничка во 1ТВ која инсистираше на анонимност.

Шпекулациите за вмешаноста на сопственикот кои циркулираа во јавноста долго пред обелоденувањето на скандалот, стигнале и до ушите на новинарите во телевизијата. Некои од нив признаваат дека стравувале оти вакво нешто може да се случи но, велат, „какви се газдите во другите медиуми?“

„Многу колеги немаа избор. Многу новинари беа дојдени од медиуми што згаснале, од медиуми каде што имало притисоци и промени во уредувачката политика. На крајот на краиштата, новинарите не се УЈП“, вели уредник во телевизијата.

Директорката и таткото на Бојан Јовановски, според новинарите со кои разговаравме, секојдневно се во телевизијата. Од вработените се барало трпение додека да се направат билансите. Досега платите ги добивале редовно, но дали ќе ја добијат следната, засега никој од новинарите не знае, ниту добил такво ветување.

Верувавме во проектот

Здружението на новинари вчера изрази загриженост за состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници вработени во 1ТВ.

„Поради овој скандал тие може да останат на улица. Ова дополнително може негативно да се одрази и на севкупниот пазар на трудот во медиумскиот сектор“, рекоа од ЗНМ. Од Здружението со став и дека приведувањето на Јовановски „отвора сомнеж за сериозна злоупотреба на медиумите на сметка на лично богатење на поединци.“

„Овој развој на настаните поврзани со 1ТВ претставуваат и удар врз репутацијата на професионалното новинарство, а доколку нема соодветна правна разрешница може да предизвика и намалување на довербата кон новинарите и медиумите во целост“, сметаат во ЗНМ.

Во 1ТВ велат дека со воздржаност ги проследиле изјавите од ЗНМ. И покрај хаосот кој ги опкружува, од ниту еден новинар во телевизијата со кој разговаравме не слушнавме лош збор за уапсениот сопственик во делот на новинарската слобода и почитувањето на професионалните стандарди.

Млада новинарка која сакаше анонимност вели дека по се што се случило ѝ останала само мачнина.

„Можете да замислите каква е атмосферата. Ние верувавме во овој сон. Ниту еднаш немавме притисок за никаков текст, разговор, целосна слобода за сѐ, нешто што тешко се добива на друго место во Македонија и нормално дека ни е мака.“

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет