БРУТАЛЕН КОМЕНТАР НА КАРОЛИНА АСТЕРУД: Зошто никој не смее да ги критикува или коментира новинарите? Што сте вие, богови? Малолетни деца?

Објавено на 19.08.2019 во 20:11:45 часот | Македонија

Тамара, чисто од принципиелна и концептуална основа , не ти е точно тоа , имено , дека “новинарскиот производ” е работа само на публиката , а не и на политичарите , уште помалку власта.

По ова твоево , односот е еднонасочен , излегува дека политичарите не смеат да реагираат, немаат право на контракритика , контрареакција, одбрана своја ( колку и да е крив , не можеш да браниш да се брани , лупета , вреѓа , елементарна работа е тоа ) и сл. во однос на новинарските производи , скраја пишана или вербална атака врз новинарите.

Од каде ви е тоа дека не ?! Што сте вие ? Богови ? Малолетни деца ? Исто за личните квалификации , ако може новинарите за политичарите , може и обратно , а сосема е друга темата во даден контекст за заслуженост на квалификацијата , за контекст , за мера , вкус и сл. , ниеден од засегнатите не е беспомошен и без право на (само)одбрана , ако консеквентно се почитува слободата на говорот, никој не може да глуми жртва , во двете насоки . Таа и таква слобода е двонасочна, ако гледаме строго правно , а ја има својата ефективност и функционалност само ако е и остане таква. Јас искрено не го разбирам ова проектирање на немоќ или криење на сопствената моќ кај новинарската фела ( оти со моќта оди и одговорноста , можеби ? Затоа ли себеинфатилизација ?) Исто и за личните суети. ( во конкретниот случај , од она што го знам засегнатиот новинар, круната од глава не му паѓа оти претседателот на владата го етикетирал ко суетен , бре , прв да не му е ?).

Да не се глуми лажни жртви , драма кралеви и кралици , имаат право и политичарите да “ трескаат “ за новинарите, како што е и обратното, многу подиспропорционално ( и не секогаш во функција на развој на слободата и демократијата , здравата политичка и правна култура баш кај публиката ) , билдајте и вие малце повеќе капацитет, и демократски , и за фер-плеј во “ударите”и “боксовите” , и за еднаквост на оружјето во оваа смисла , и не се кријте патетично зад ( моќта од ) публиката, како што политичарите не смеат да се кријат зад ( моќта од ) гласачите. Секако , сосема друго е ако некој политичар од слобода на говор премине на злоупотреба на политичка или државна моќ/власт за ефективно заќутување , но, повторно, истото важи и во обратната насока , не се правете медиумите и новинарската фела некаква безмоќна буква , имате и вие моќни инструменти за (зло)употреба. Конечно , знаеш дека не е точно дека “ новинарскиот производ “ е за ценење само од публика , има одредени правни ограничувања и правна одговорност , зарем не ?

Тие секако треба да се по многу високи стандарди , висок праг( за да има одговорност , да појаснам , ова некои поинаку го разбираат, на што се мисли) , во многу ограничени ситуации и секогаш екстензивно во прилог на слободата на говорот, ама не само на новинарите , туку и на целото граѓанство , а како што следам , вашава фела не ја баш заболе за сеопштата слобода на говорот и изразувањето , не е дека нема индикатори по повеќе основи таа се повеќе да се ограничува , бајаги авторитарно, а баш треба будно да следите , а некои дури и самите се дел од тоа кога е за граѓанството ( публиката , де), политички неистомисленици и сл.

Се на се , не/свесни или не/намерно ( негацијата е заради свесноста моја дека многу од нашите новинари субјективно се доживуваат како слаби и бегаат од признание за објективната моќ на професијата , медиумите , а и својата сопствена , особено најмногу кога ќе ја оплескаат , вадат штит на жртва, и после тоа копи-пејст како мантра, небаре оперативен кодекс за работа, и секогаш го вадат тоа како прв инстинкт независно од контекстот , дури и кога вината е апла на страна на новинарот / новинарката - еднаш дебатиравме јас и ти за ова , ако се сеќаваш ) да не се користат ситуации за продавање тези и “ вредност “ за некаква неодговорност и недопирливост на новинарите од критика ( основана или не) , па и за навреда ако доаѓа од страна на политичари ( ако не е ок навреди, тогаш не смее да има двонасочно , ама скраја ако дојдеме до таму да не можеме да ги навредуваме политичарите , па уште во нашава култура на издишани ега кои и критиката и критичките квалификации, дури и описни/констатирачки од типот “ мрзлив “ се доживуваат како навреда , па тужакања оти никако да укинеме навреда како деликт - одличен избор за одмазда , малтретирање и финансиска заработка, небулозна како и да свртиш) , за некаква надмоќ над политиката и политичарите , со приказни за новинарска газела во челуста на политичкиот лав.

Каролина Ристова - Астеруд, фб коментар

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет