ДРАМА ВО СТОПАНСКА КОМОРА: НАЈБОГАТИТЕ БИЗНИСМЕНИ И ПРИРЕДИЈА ЖЕСТОК ПРЕЧЕК НА НИНА ГРУПЕР, МИНЧО ЈОРДАНОВ И ВАНЧО ЧИФЛИГАНЕЦ НАЈГЛАСНИ ВО КРИТИКИТЕ!

Објавено на 08.10.2019 во 18:09:35 часот | Македонија

Новата министерка Нина Ангеловска денеска ја имаше првата официјална средба со бизнис секторот, и тоа најголемите бизнисмени што се организирани во најстарата комора, Стопанска Комора на Македонија која уште малку ќе слави 100 години постоење.

За беља, министерката доцнеше 45 минути на средбата па тоа изгледа малце ги изнервира најбогатите бизнисмени кои не се навикнати да чекаат, туку нив некој ги чека, како што е нормално во светот, секаде е така да се разбереме.

На министерката не и дадоа ниту да се обрати, туку одма штом дојде ја запукаа со критики, прв за збор се јави Минчо Јорданов.

- Според мене најголема забелешка што ја имам е што и да се договориме тука, потоа не се реализира во владата, како да не се слуша нашиот збор, тоа чувство го имам., рече директорот и парцијален газда на Макстил.

После него за збор се јави вториот најбогат македонец, Ванчо Чифлиганец, познат газда на гигантот во градежништвото Адора Инженеринг и од неодамна најголем акционер во Комерцијална Банка и член на надзорниот одбор на банката:

- Мене многу ми смета што нема еднаков однос меѓу домашните и странските фирми. Во Скопје мораториум има само за македонските градеѓни фирми, додека за странците тој мораториум не важи. Јас веќе една година не градам, голем дел од моите инженери избегаа од земјава, златни деца се тоа. Ве молам како држава сите да не гледате исто, рамноправно, не бараме привилегии, но не сакаме да бидеме од втор ред а странците да се привилегирани., рече харизматичниот Радовишанец.

После него во распаљотката кон Нина се јави газдата на ИТ компанијата УЛТРА, Антони Пешев:

- Има многу глупи закони кои треба да се укинат, замислете некој таму во собрание донел закон според кој ние што делиме стипендии на ученици сме сакале да ја крадеме државата па преку стипендиите сме ваделе пари од фирмите, кое е тоа лудило. Некои од нашите се жалат дека замислете се оданочиувале и минусот на касите во маркетите, демек газдите земале пари од каса и тоа се оданочувало како данок на приход, па тоа се грешки на касиерите како може тоа да се оданочува?!

После него на ред дојде преставник на фармацијата, Јанчевски:

- Што правиме со неликвидноста и неплаќањето на фактури, а државата е број еден најголем неплаќач во земјава?!

Уште неколку бизнисмени упатија критики кон министерката за редица на закони, мерки и други недостатоци во државата. На пример, Виктор Мизо се пожали дека дел од репроматеријалите се оданочувале многу скапо со давачки и акцизи, дури и калапите не се сметале за репро материјали, на што министерката се пожали дека тоа е во друг ресор, во ТИРЗ зоните кои треба за тоа да се изборат.

Бизнисмените споменаа 5 итни барања до владата:

- актуелната државна поддршка на стопанството предизвикува нерамноправна положба на компаниите, на начин што едни користат субвенции од Буџетот, а други банкарски кредити со камати;
- се` уште нерешеното прашање на статусот на холдинг друштвата кое повеќе од 7 години се истакнува како потреба за поттикнување на поголеми инвестициски активности на овие компании;
- даночно ослободување на нормирани износи на кусоците во малопродажбата;
- при пропишување на техничките спецификации во постапките за јавни набавки не постои консултации со компаниите, што оневозможува учеството на поголем број компании и не обезбедува услови за фер конкуренција;
- усогласување на домашната регулатива со меѓународните стандарди за финансиско известување.

Многу тежок прв ден за министерката. На крај се постигна некаква согласност дека ќе се работи заеднички на решавање на проблемите. Еве што соопштија од кабинетот на Ангеловска:

Ангеловска: Бизнисмените ќе можат онлајн да ни испраќаат предлог-иницијативи

Бизнисмените ќе можат директно во Министерството за финансии да ги поднесуваат иницијативите за промена на регулативата. Со цел компаниите да функционираат во праведен даночен систем, Министерството за финансии ќе работи на намалување на  сивата економија, каде што една од мерките ќе биде внесувањето на нерегистрираните субјекти во системот. Министерката за финансии Нина Ангеловска на првата средба со бизнис секторот во Стопанската комора на Македонија порача дека тој ќе биде вклучен во креирањето на политиките. 

-Како некој кој доаѓа од бизнис секторот знам колку е важно фирмите да бидат вклучени во донесувањето на одлуките. Ќе воспоставиме онлајн форма за поднесување на предлог - иницијативи од коморите и од приватниот сектор до Министерството за финансии за оние работи кои се наша надлежност и на кои можеме да влијаеме. Има пропишана предлог форма, бидејќи иницијатива само како желба не е доволна за да ја разгледаме и да можеме да делуваме- изјави министерката Ангеловска.

Во формуларот, освен предлог - иницијативата, ќе се внесе и на кои сектори ќе влијае, која е компаративната анализа и како е решено во други земји, што ќе значи за бизнисот а што од фискален аспект.

Ангеловска посочи дека има огромен неискористен потенцијал за воведување на технологиите онаму каде може да се применат, за да се намалат административните процедури и да се овозможи нејзино побрзо функционирање.

-Ете со таков ентузијазам влегувам во Министерството за финансии, брзината што ја носи реалниот сектор да ја имплементирам и во администрацијата- укажа Ангеловска.

Во делот на сивата економија, фокусот, како што кажа министерката, ќе биде да се внесат во системот оние кои што вршат нерегистрирана дејност. 

-Кога зборуваме за сива економија треба да знаеме дека и на граѓаните и на бизнисот им треба да се чувствуваат дека функционираат во еден праведен даночен систем, каде што гледаат дека сите си ги плаќаат давачките. Не можеме да сакаме граѓаните и бизнисите кога ќе се зголемат даноците или ќе се воведе нешто ново, да го дочекаат тоа со раширени раце, ако гледаат дека некој друг не ги плаќа давачките- изјави Ангеловска.

Министерството за финансии ќе се насочи кон внесување во системот оние кои што не ги плаќаат давачките. Ангеловска нагласи дека сивата економија не треба да се ограничува само на пазарот на труд, туку дека ја има во сите сфери на бизнис делувањето и затоа е неопходен поширок опфат на мерки за справување со неа.

 

Со почит,

Одделение за односи со јавност

 

Од комората пак го испратија ова соопштение:

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР, НОВ ЗАКОН ЗА БУЏЕТ И СПРАВУВАЊЕ СО „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА – ВЕТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО БИЗНИСМЕНИТЕ

Да се предвиди динамика на имплементација на барањата на бизнис секторот, строго почитување на Законот за финансиска дисциплина со акцент на навремено плаќање на обврските на државата спрема приватниот сектор и преиспитување на законските решенија кои го кочат работењето, побараа стопанствениците од министерката за финансии, д-р Нина Ангеловска, на првата работна средба што се одржа во Стопанската комора на Македонија.

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР, НОВ ЗАКОН ЗА БУЏЕТ И СПРАВУВАЊЕ СО „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА – ВЕТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО БИЗНИСМЕНИТЕВо обемната дискусија со министерката, бизнисмените побараа одговор на прашања за конкретни проблеми со кои се соочуваат, но беа предложени и мерки кои позитивно би се одразиле на вкупниот економски амбиент на државата. Д-р Глигор Бишев, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на УО на „Шпаркасе Банка Македонија“ АД – Скопје, предложи дека ако сакаме економијата во државата да расте со 5%, треба да се постигне консензус за солидарност меѓу деловните субјекти во економијата, за довербата меѓу Владата како извршна власт и приватниот сектор и за обезбедување работна сила како еден од клучните услови за конкурентност на македонската економија.

Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Стопанската комора на Македонија и директор на „Костал“, укажа дека царинските стапки за увоз на репроматеријали се 4 до 5 пати повисоки во однос на истите во ЕУ, што го прави нашето производство неконкурентно. Спорен е и третманот на сопственоста на калапите и алатите кои се користат во производството од аспект на оправданост на инвестициските трошоци. Ирена Јакимовска, претседател на Регионалната комора со седиште во Прилеп и сопственик на „Комфи Ангел“ - Прилеп, во иста насока укажа дека намалувањето на царинските стапки ќе ги стимулира компаниите на дополнителни инвестициски активности што може да придонесе дури и за поголеми буџетски приходи од царини во однос на сегашните.

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР, НОВ ЗАКОН ЗА БУЏЕТ И СПРАВУВАЊЕ СО „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА – ВЕТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО БИЗНИСМЕНИТЕ

До министерката беа посочени и серија други проблеми со кои се соочуваат компаниите во секојдневното работење, како што се:

- актуелната државна поддршка на стопанството предизвикува нерамноправна положба на компаниите, на начин што едни користат субвенции од Буџетот, а други банкарски кредити со камати;
- се` уште нерешеното прашање на статусот на холдинг друштвата кое повеќе од 7 години се истакнува како потреба за поттикнување на поголеми инвестициски активности на овие компании;
- даночно ослободување на нормирани износи на кусоците во малопродажбата;
- при пропишување на техничките спецификации во постапките за јавни набавки не постои консултации со компаниите, што оневозможува учеството на поголем број компании и не обезбедува услови за фер конкуренција;
- усогласување на домашната регулатива со меѓународните стандарди за финансиско известување.

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР, НОВ ЗАКОН ЗА БУЏЕТ И СПРАВУВАЊЕ СО „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА – ВЕТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО БИЗНИСМЕНИТЕПретседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, заокружувајќи ја дискусијата на стопанствениците констатираше дека, прво, мора да се среди хаосот во прописите, од 1400 закони донесени во една година, повеќето во скратена постапка и меѓусебно не се усогласени. Второ, да се направи анализа на ефектите од државната помош и субвенционирањето, имајќи предвид, на пример, дека и покрај ваквата поддршка земјоделството бележи пад од 8%. Трето, во услови кога земјата е пред влез во Европската унија, во усогласувањето со европското законодавство треба примената на ЕУ-директивите со финансиска импликација да се одложи до влезот на нашата држава во Унијата.

Одговарајќи на прашањата на стопанствениците, министерката Ангеловска која на оваа позиција доаѓа од бизнис секторот, истакна дека сите детектирани проблеми ќе бидат предмет на анализи во Министерството за финансии, со цел да се креираат мерки и политики како поддршка за домашната економија, но при тоа мора да се има предвид даночната политика и дисциплина, како и финансиските импликации од мерките што се носат. Владината политика, вели министерката, е во насока на поддршка на малите и средни претпријатија како доминантни субјекти во вкупната економија во државата, а секторот за финансии има за цел да овозможи непречено функционирање на компаниите, растоварување од административните процедури и намалување на трошоците.

ДАНОЧЕН КАЛЕНДАР, НОВ ЗАКОН ЗА БУЏЕТ И СПРАВУВАЊЕ СО „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА – ВЕТИ МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ НА ПРВАТА СРЕДБА СО БИЗНИСМЕНИТЕКако приоритетно барање од бизнис секторот на кое ќе работи Министерството е барањето за воведување даночен календар, што ќе придонесе за поголема предвидливост во системот за деловните субјекти и за постабилен и попредвидлив економски амбиент. Истовремено, се очекува до крајот на годината или најдоцна до почетокот на наредната, да се донесе и новиот Закон за буџет со кој треба да се интегрира целокупното следење на јавните финансии што ќе овозможи формирање на Фискален совет, тело коешто треба да го контролира планирањето и извршувањето на јавните финансии.

Ангеловска се осврна и на проблемот со „сивата“ економија, која како што рече се проценува дека изнесува помеѓу 30 и 40% од БДП. Во таа насока, активностите ќе бидат насочени, прво, да се наплатат даноци од оние кои воопшто не плаќаат - нерегистрирани субјекти и второ, да се контролираат оние кои сега помалку плаќаат. Со доследно почитување на даночната дисциплина преку контролни механизми ќе се воспостави еднаков третман на сите даночни обврзници, вели министерката за финансии и додаде дека во следниот период креирањето на мерките и политиките кои го засегаат бизнис секторот ќе биде со нивна активна вклученост.

Љупка И. Самарџиска

 

 

* реклами:

loading...

Македонија

Свет