Удар врз Република Македонија!

Горан Арсов
Политички аналитичар и блогер

објавено на: 24-12-2012 | сподели на: share

Република Македонија е суверена држава затоа што никој друг не смее да се меша во владеењето на својата територија. Нашата држава ја претставува Уставот, кој ги создава општите принципи, т.е. филозофијата на државата и нејзината внатрешна организација на:
-- Влада;
-- Парламент; и
-- Судови,
Кои треба да се независни и да имаат систем на урамнотежување кој нема да дозволи никој од нив да надвладее врз останатите. Колку ова е остварено, ќе оставиме за дискусија во некој друг текст.

Владата, Парламентот и судовите се правни ентитети (постоења) со сопствена внатрешна организација. Имаат:
-- Органи, тела, комисии;
-- Механизми меѓу нив; како и
-- Правила на однесување меѓу луѓето кои ги пополнуваат.

За усвојување на Буџетот за 2013 г. се донесува посебен закон. Парламентот има свој документ за процедурата за донесувањето на законите наречен Деловник, наложен со чл.61 од Уставот на Република Македонија.

Предлог-законот треба да оди на својата матична комисија која го разгледува. Таква е Комисијата за финансирање и Буџет. Откако таа ќе го прочита законот и ќе биде изменет со амандмани (дополнувања или изменувања), оди на прво читање во Собранието. Оваа процедура се повторува уште еднаш со второ читање, а потоа оди на усвојување во Собранието на трето читање. И за време на собраниската седница можат да бидат давани амандмани.

Собранието може да дискутира за закон и без поминување во матичната комисија во скратена постапка, но само ако „не е во прашање сложен и обемен  закон“ (член 170 од Деловникот).
Според тоа што законот за Буџет за 2013 г. е сложен и обемен закон, овој член во Деловникот е прекршен. Бидејќи предлог-Буџетот веќе беше на обработка во матичната Комисија за финансирање и Буџет, оваа скратена постапка го крши Деловникот така што ја прекина и ја одзеде работата на Комисијата.
Иако треба да почекаме и на докторите на правните науки да го кажат своето мислење, сепак изгледа дека е прекршувен Деловникот на Собранието, со што Претседателот на Собранието Трајко Велјановски го прекрши членот 67 од Уставот. Понатаму, од Деловникот за работа на Собранието:

„Член 171
Ако Собранието одлучи да расправа, предлогот на законот да се донесе по скратена постапка, претседателот на Собранието веднаш го задолжува матичното работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот на законот.
Кога предлогот на законот се разгледува по скратена постапка  Собранието одржува општ претрес.
Второто и третото читање се одржуваат на иста седница. Во тој случај второто читање започнува со претрес по предлогот на законот во согласност со одредбите од овој деловник за второ читање. Амандмани можат да се поднесат на седницата до почетокот на третото читање на предлогот на законот.“

Да кажеме дека Претседателот на Собранието ќе и` наложи на Комисијата за финансирање и Буџет да расправа, а тоа дали таа ќе расправа или не, нема да го интересира, бидејќи Деловникот не го обврзува да ги чека нејзините заклучоци. Сепак, Деловникот им дава можност на сите присутни пратеници да даваат амандмани. Според чл. 169: „Кога по предлог на закон се расправа по итна постапка не важат временските ограничувања од овој деловник.“ Така, доколку пратениците на СДСМ беа во салата, ќе можеа бесконечно да разговараат за предложениот Закон за Буџетот за 2013 г.

Собранието само што имаше општ претрес на кој се јави еден Албански пратеник од ДПА кој беше против донесувањето на Буџетот. Сега Претседателот на Собранието го стави Буџетот на гласање и беше усвоен со громогласен аплауз на присутните пратеници, во сала во која отсуствуваа пратениците на СДСМ. Според прилогот на Капитал „Нов скандал: Пратениците на СДСМ сосила извадени надвор од собрание“, обезбедувањето ги исфрлило од салата Собранието.

Да резимираме:
-- Собранието го прекрши својот Деловник ставајќи го Законот за Буџет во скратена постапка и со недозволувањето Комисијата за финансирање и Буџет да си ја заврши работата со читањето на Законот за Буџетот; и
-- Собранието насилно ги исфрлило пратениците на СДСМ од салата.

Читателот треба да разбере дека е прекршена парламентарната процедура, т.е. Собранието си го прекрши сопствениот Деловник. Ова значи дека донесениот Закон за Буџет може да биде оспорен на суд кој веројатно ќе го поништи. Сепак, додека партизираните судови да ја истераат процедурата, можеме да очекуваме дека ќе поминат многу месеци, за кое време Буџетот за 2013 г. ќе биде во сила.

Уште полошо, опозицинерите беа исфрлени од Собранието.
Пратениците на СДСМ можеа да бидат мирни во салата и со бесконечни дискусии со илјадници нови амандмани да го блокираат донесувањето на Буџетот, иако самата седница на Собранието го крши Деловникот на Собранието. Можеби поради незнаење на Деловникот, можеби намерно, тие избраа физичко попречување на работата на Собранието. Дел од нив беа насилни и службата за ред на Собранието тука можеше легитимно да интервенира и да ги исфрли најагресивните. Така ќе поставеше пример и ќе им овозможеше на останатите да се преиспитаат и да седнат на столчињата во салата.

Без оглед што за секој пратеник на СДСМ кој не седеше на столче во салата може да се смета дека ја попречува работата на Собранието, со пратениците мора да се постапува екстремно внимателно бидејќи не се криминалци или насилници, туку се претставници на илјадници луѓе кои плаќаат за нивната функција во Собранието. Тие со очигледно, грубо насилство се однесуваа кон нив. Редарската служба требаше да направи сè што може за да им овозможи на ненасилните пратеници да останат и да седнат на столчињата. Сепак, беа исфрлени сите.
Насилното исфрлање на сите пратеници на СДСМ не може да се оправда со попречувањето на работата кое навистина го направија.

Со изгласувањето на Буџетот за 2013 г. поставен е пример за тоа како Собранието ќе се однесува при донесувањето на законите во иднината; со кршење на правилата на работата на Парламентот и насила, со грубо занемарување на пратениците на СДСМ, т.е. на на стотиците илјади граѓани на Република Македонија чии претставници се тие пратеници.

Пред малку беа направени удари врз парламентарната демократија со кршењето на Деловникот, како и врз волјата на стотиците илјади граѓани за имање свои пратеници во Собранието. Со ова е се направени два индиректни удари и врз суштината на Република Македонија, врз нејзиниот Устав:
1. Со кршењето на Деловникот обезвреднет е Уставот бидејќи тој го наложува неговото создавање; и
2. Власта покажа дека не ги почитува пратениците како претставници на народот, легитимирани со повеќе членови во Уставот.

Што да се прави? Секој нека размисли убаво, но мене ми изгледа дека е време за конкретно реагирање за да им се укаже и на денешните и на било кои идни власти дека ваквото однесување е неприфатливо. Јас би реагирал на ова како независен ум со сличните на мене и во посебна група. Би стоел малку понастрана со свој транспарент против ова, но не како дел од опозицијата за која сум убеден дека не заслужила да и` ја дадам мојата поддршка.


П. С. Колумните ги користам и како јавен повик до читателите да се здружиме и да ја создадеме Слобода и напредок, партијата која ќе ја донесе светлата иднина на Македонија.
www.slobodainapredok.tk
_____
Горан Арсов е дипломиран професор по физика, поранешен претседател на Џудо федерацијата на Македонија, поранешен член на Менса, преведувач, блогер, посветува значително внимание на тековните економски и политички случувања во Македонија и светот, како и искрен ентузијаст за иднината на Македонија.

arsov1978@yahoo.com