Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека денешната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина против претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“. „Ги предупредуваме странските учесници во постконфликтниот процес во Босна и Херцеговина, земјите од регионот и целата светска заедница: Доколку се донесе пресуда за вина, тогаш неизбежни се катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и на Балканот во целина“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи, а пренесуваат сараевските медиуми.
Оттаму додаваат дека „обвинувањата против легитимно избраниот претседател на Република Српска, а всушност и против целиот српски народ, се засноваат на одредбите на псевдозаконот што беше произволно наметнат на суверена БиХ од самопрогласениот висок претставник Кристијан Шмит, јасно надвор од законската рамка“.

Руското министерство оцени дека судењето, кое траеше година и половина, од самиот почеток не е ништо повеќе од „пародија на правдата и бесрамно исмејување на основите на владеењето на правото“.„Прогонот на Милорад Додик е од чисто политичка природа, инспириран од Западот, кој преку рацете на неговите марионети во правосудниот систем на Босна и Херцеговина се надева дека ќе ги отстрани од политичката сцена патриотските сили на Република Српска кои се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“, се вели во соопштението на руското МНР. Судот на БиХ денеска го осуди Додик на една година затвор за неисполнување на одлуките на високиот претставник во БиХ и му забрани да ја извршува функцијата претседател на РС на шест години, од денот на правосилноста на пресудата. Пресудата е првостепена која може да се обжали. Конечната пресуда ќе ја донесе Апелацискиот совет на Судот на БиХ.