Министерството за надворешни работи реагира дека претседателот на СДСМ Венко Филипче на денешната прес-конференција изнел низа „навреди и неодговорни и произволни заклучоци“. Според МНР, Филипче покажал недоволно познавање на меѓународната политика и целосно ги запоставил суштинските елементи кои го сочинуваат комплексниот процес при носење на одлуки од стратешко и глобално политичко значење. Очигледно, тие велат дека за СДСМ поважна е дневната политика, отколку долгорочните државни интереси и долгорочното зацврстување на меѓународната позиција на државата. Одлуката на Северна Македонија за гласањето за резолуциите за Украина во ОН беше неочекувана, вели францускиот амбасадор
– Во наведениот контекст уште еднаш повторуваме дека неодамнешните одлуки во врска со гласањето на нашата држава за резолуции на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на редица остварени дипломатски контакти, темелно извршени анализи, спроведени домашни консултации, усогласеност со утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители и во координација со нашиот стратешки партнер – Соединетите Американски Држави. Уште поважно, тие ја потврдуваат стратешката ориентација на нашата држава кон градење стабилна и предвидлива позиција на меѓународната сцена, како и зајакнување на односите со нашите стратешки партнери – се наведува во соопштението од МНР.
Со гласањето, тие додаваат дека ја реафирмирале цврстата поддршка за Украина и изразиле силна почит, солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за обезбедување траен мир и целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата. Дополнително, овие одлуки се потврда за конзистентната меѓународна политика на државата, и нашиот стремеж да бидеме активен, конструктивен и кредибилен партнер во процесите на изнаоѓање решенија за актуелните геополитички предизвици, а не пасивен набљудувач без јасен став, како што беше случај за време на претходната влада предводена од СДСМ и ДУИ – велат од МНР. Таквите засилени дипломатски активности, од МНР сметаат дека дополнително ја потврдуваат и нашата понатамошна посветеност во правец на целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и силната приврзаност кон процесот на европска интеграција – кој останува еден од највисоките надворешно-политички приоритети на државата.