Докторот од Клиниката за урологија кој на видео материјал беше снимен како хистерично бара обезбедување на висок тон додека внука на пациент го снима со мобилен и тврди дека „не сакал да го прегледа дедо ѝ, пациент со карцином“ денеска дал изјава на Клиниката за урологија откако против него беше поведена дисциплинска постапка. Директорот на Клиниката доктор Башким Шабани за „Слободен печат“ вели дека докторот тврдел оти бил нападнат и удрен со вратата од страна на пациентите и дека неговата реакција била последователна на ова дејство. Докторот тврдел дека присутни биле и други од медицинскиот персонал и дека имало сведоци. И тие утре ќе дадат изјави после што дисциплинската и етичката комисија во болницата ќе одлучуваат. Докторот исто така потенцирал дека пациентот што чекал за преглед сакал да фати врски, односно преку ред да биде прегледан и не бил на „мој термин“. Директорот Шабани смета дека ова не било проблем бидејќи станува збор за пациент со тешка дијагноза што може да биде примен како итен.
Како што објавивме вчера, до редакцијата на „Слободен печат“ испратен беше видео материјал снимен на државната Клиника за урологија, на кој се гледа како лице во бел мантил, за кој испраќачот тврди дека е специјалист по урологија сосема неприкладно се однесува. Според испраќачот но и тоа што може да се види на видео материјалот, докторот со повишен тон и врискање, сосема бесно и вознемирено барал да се повика обезбедување за пациентот и неговата внука. Пациентот бил во инвалидска количка и боледувал од карцином, но докторот наводно одбивал да го прегледа. На снимката може да се види и вознемирен и вчудоневиден персонал кој стои „закопан“ во место од стресната сцена. „Слободен печат“ нема да го објави видео материјалот бидејќи на него е испишано името и презимето на докторот, а ние немаме доказ ниту потврда од болницата дека се работи за тоа лице. Ќе го следиме исходот од дисциплинската постапка и дополнително ќе информираме за истиот.