Во рамките на официјалната посета на Лондон на Африм Гаши, претседател на Собранието на РС Македонија и Делегацијата, беше остварена средба со Тан Деси, претседател на Комитетот за одбрана и членови на Комитетот. На средбата се разговараше за билатералната соработка меѓу Република Северна Мкедонија и Обединетото Кралство во сферата на одбраната и безбедноста, преку тековните проекти за зајакнување на армиските и воените капацитети на земјата. Стана збор и за улогата на двете земји како сојузници во НАТО Алијансата, преку придонесот во колективната и глобалната безбедност, како и во Парламентарното собрание на НАТО.
Претседателот на Комитетот за одбрана, Тан Деси, изрази задоволство од средбата и инфрмираше за активностите на Комитетот во светло на актуелната дебата во Обединетото Кралство за зголемување на стапката на придонес на 2,5 % од БДП за одбраната и постигнување на таргетот од 3 % во следните 10 години. Соговорниците дискутираа за поддршката на Украина која не смее да престане, за потенцијалните безбедносни предизвици во регионот на Западен Балкан доколку истиот остане неинтегриран во Европската Унија и за пречките во евроинтеграцијата на РС Македонија предизвикани од билатерални проблеми и кои не се во корелација со Копенхашките критериуми. Стана збор и за влијанието на дезинформациите во политиката како закана кон демократијата и како да се најдат начини за сузбивање на лажни вести и содржини креирани од вештачка интелигенција. Претседателот на Собранието ја пренесе подготвеноста на Собранието за одржување на потесна соработка меѓу Парламентите во доменот на одбраната, со размена на искуства во одбранбената и безбедносната сфера, во насока на збогатување на севкупните односи меѓу двете држави.