„Имаме надлежност над „инфлуенсерите“. Ќе се направи правилник со кој ќе се прецизираат критериумите за нив, на кој начин ќе се идентификуваат и кои ќе бидат предмет на регулација“ изјави денеска Емилија Петреска Камењарова од Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на денешната панел-дискусија „Справување со дезинформациите на социјалните мрежи – предизвици и перспективи“ во организација на Институтот за медиуми и аналитика ИМА.
Таа додаде дека не може и не треба сите да бидат предмет на регулација, туку дека тоа ќе бидат одредени инфлуенсери, кои се обраќаат до општата јавност. Петреска Камењарова објасни дека правилникот треба да биде донесен до средината на оваа година. Како што објасни таа, АВМУ ќе ги регулира инфлуенсерите кои имаат основна цел да информираат, забавуваат или образованат и кои креираат содржини за општата јавност, а не само за одредена мала група. Петреска Камењарова рече и дека од јули 2023 година, со измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се направи усогласување со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на Европската унија, со што Агенцијата како регулаторно тело стана надлежна и за платформите за споделување видеа, како „Фејсбук“, „Јутјуб“, „ТикТок“.