И така, Украина наместо на преговарачката маса – се најде на менито, со тенденција по преговорите од неа да не остане неизглодана ниту една коска од страна на стрвните за територија и рудни ресурси. На 18 февруари во главниот град на Саудиска арабија, Ријад, започнаа официјалните преговори помеѓу САД и Руската Федерација за нормализирање на меѓусебните односи и ставање на крај на руско-украинската војна. Делегациите беа предводени од министрите за надворешни работи, Рубио и Лавров. Ова е прва официјална средба на толку високо ниво по заладувањето на односите помеѓу двете земји предизивикани од агресијата на Русија врз Украина. Иако наративот пред отпочнувањето на разговорите беше дека тие првенствено ќе се фокусираат на завршувањето на конфликтот во Украина, сепак, по официјалното коминике од средбата беше јасно дека главната тема била нормализирањето на руско-американските односи, а не ставање на крај на војната во Украина.
Кога се оди на пазар, а да не зборуваме, пак, за одење на дипломатски преговори, секој учесник се труди да се подготви и да има што е можно подобра почетна позиција. Па така, оној кој купува, си ги пребројува парите и знае колку може да одвои за да купи одреден производ. Но тоа не му го кажува на продавачот, а тој пак не му ја кажува на купувачот најниската цена по која може да го продаде производот, надевајќи се дека ќе може истата да ја зголеми и да оствари профит. Кога се преговара помеѓу државите, претпоставувате дека преговарачите многу повеќе се подготвуваат во однос на простиот купувач и пазарџијата. Но, дали е тоа така во случајот со американско-руските преговори за Украина? Уште пред почетокот на преговорите, американската страна, случајно или нарочно, значително ја ослабна својата, односно украинската позиција со само неколку изјави дадени од страна на највисоките американски претставници. Изјавите може да се сублимираат во една сложена реченица, а таа е: Зеленски е диктатор, а Украина треба да е среќна ако успее да склучи мир под условите кои ќе ги наметне Путин, зошто во спротивно нејзината егзистенција како независна држава е доведена во прашање. Со ова, Трамп, Ванс, Рубио и Хегсет, ги поткопаа преговарачките позиции на Зеленски и на Путин на тацна му ја понудија Украина и тоа не само окупираните територии, туку ја најавија и можноста во иднина да ја окупира цела Украина доколку Зеленски не се согласи на условите кои ќе му бидат наметнати.
И така, Украина наместо на преговарачката маса – се најде на менито, со тенденција по преговорите од неа да не остане неизглодана ниту една коска од страна на стрвните за територија и рудни ресурси, САД и Русија. Со доаѓањето на власт на Доналд Трамп, во САД настана целосен пресврт на таа земја во односите со Русија и на дело е премолченото прифаќање на САД на рускиот наратив за актуелната војна; тоа предизвика тектонски пореметувања на Евроатланскиот сојуз кој до промената на власта во САД, колку толку, реагираше унисоно кон Русија. Оваа промена внесе целосна паника во Европа која сфати дека нивните довчерашни сојузници, тајно, во Швајцарија, повеќе месеци преговарале со непријателот, без за тоа да ги известат. Немањето на лидерство и визија во Европа ја доведе унијата во ситуација да гасне пожари (во и вон ЕУ) наместо таа да биде тој што ја контролира ситуацијата. За Европа веќе е доцна, таа ќе биде најголемата колатерална штета од војната, со последици кои може да доведат дури и до раслојување на оваа организација. По победата на Трамп, во Европската унија се осилија претставниците на екстремната десница, чија идеологија во Европа се шири скоро исто како по големата криза помеѓу двете светски војни од минатиот век.
Италија, Словачка, Унгарија, Австрија, Холандија, второто место на АФД во Германија на неделните избори – делат исти вредносни стандарди како и Трамп а со своето политичко делување го зголемуваат „Тимот Трамп“ во Европа, надевајќи се дека во догледно време ќе може да ја направат „Europe great again“, само што тоа нема да биде Европа која сите ние ја знаеме туку некој сосем поинаков ентитет, втемелен на други вредносни начела и со други цели. Мене не ми се јасни поддржувачите на Трамп на овие наши простори кои ликуваат и се ситат на позицијата во која сега се наоѓа Украина, стегната помеѓу чеканот и наковалната на денешната валкана реалполитика, во која моќта е на прво место пред воспоставените правила на модерниот, цивилизиран свет. Кога Украина која има и територија и население и море и ресурси не знае дали ќе опстане како независна и суверена држава, што останува тогаш за Македонија која нема ништо од она кое го има Украина? Што доколку, на пример, Трамп и Борисов се договорат да не се признава нашиот јазик и нација, а Албанците изразат претензии кон територијата на Западна Македонија претходно постигнувајќи, исто така „дил“ со супер прагматичниот Трамп? До пред доаѓањето на Трамп на чело на САД барем можевме да се повикаме на членот 5 од Вашингтонскиот договорот (основачкиот акт на НАТО) кој ќе ја гарантираше нашата безбедност и суверенитет. Сега, откако САД изјавија дека повеќе нема да го почитуваат овој член од договорот, повторно над Македонија се надвиснува Дамокловиот мач и неизвесноста што ја носи непредвидливата иднина на меѓународните односи и констелации. Трамп и порача на Русија дека Европа не е дел од неговиот план, и дека, ако сака, Русија може да повели и повторно да ја рашири својата железна прегратка врз овој континент како што тоа го правеше за време на Студената војна. Тоа, секако ќе значи разгорување на оние жаришта на Балканот (Босна, Косово и Македонија) кои Европа не успеа да ги реши и кои сега може да станат нејзина рак рана која што нема да може да се изелечи. Она што е среќа во несреќа е коцкарското позиционирање и „кладење“ на нашето раководство на победата на Трамп на претседателските избори во САД, односно подршката што му беше дадена уште за време на претседателската кампања. Да се надеваме дека тоа ќе се цени и вреднува и дека ние нема да бидеме некоја старо-нова монета за поткусурување за време на создавањето на новиот светски не планиран меѓупоредок. Историјата не учи дека ние, за жал, секогаш сме биле дел од менито и никогаш не сме седеле на масата на која се одлучувало за нашата иднина. Дали и овој пат ќе биде така, ќе видиме. Марин Гавриловски