Скопјанецот Љубе Крстевски денеска едвај спаси жива глава од разбеснетите активисти за заштита на животните, кои за малку ќе го линчуваа на улица по денешното одложено судење од процесот во кој тој е обвинет за сурово убиство на кучето Феликс. Крстевски беше однесен со амбулантно возило кај црквата „Пресвета Богородица“ на кејот на Вардар. Разбеснетите активисти дотаму го бркаа, откако тој излезе од Кривичниот суд.
Според Слободен печат активистите за заштита на правата на животните го пресретнаа обвинетиот Крстевски кој излезе од задната врата на Кривичниот суд. Предната врата на судот беше блокирана за влез и за излез поради големиот метеж и присутните луѓе. Кога обвинетиот излезе од задната врата на судот почнаа бркотници, а обвинетиот бегаше од насобраните активисти, кои го следеа до црквата „Пресвета Богородица“.
Во Основниот кривичен суд денеска се одложи судењето за кучето Феликс кое поради тешки повреди нанесени од двајца соизвршители угина на 7 јануари. Судењето на обвинетите, кои се товарат за делото убивање и мачење животни, ќе се одржи на 13 март. Судеето беше одложено затоа што еден од обвинетите и неговата одбрана го нема примено обвинителниот предлог, ниту пак решението за предложената мерка за обезбедување присуство. Десетици активисти од повеќе здруженија за заштита на животните денеска пред судењето одржаа протест пред Судот. Тие бараат да се смен судската практика и на луѓето кои мачат и убиваат животни да им се изрекуваат затворски, наместо парични казни.