Судот на Босна и Херцеговина денеска донесе првостепена пресуда против претседателот на ентитетот Република Српска (РС), Милорад Додик, со која е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција како претседател на РС. Сепак, ова е далеку од епилогот на едногодишната судска драма, пишуваат српските медиуми „Судот го осуди обвинетиот Милорад Додик на една (1) година затвор, како и мерка за безбедност забрана за вршење на функцијата претседател на Република Српска во рок од шест (6) години, од денот на правосилноста на пресудата“, соопшти Судот на БиХ.
Можна е жалба
Станува збор за првостепена пресуда, која сè уште не е правосилна, а ќе стане таква откако одбраната и обвинителството ќе поднесат жалби и конечната одлука ќе ја донесе второстепениот совет на Судот на БиХ. Второстепената пресуда треба да биде изречена до крајот на оваа година. Ако конечната пресуда е иста како првостепената, тоа значи дека Додик нема да може да ја извршува функцијата претседател на РС во следните шест години.
Дали ќе оди во затвор?
Кога станува збор за затворската казна, со оглед на тоа што е осуден на една година затвор, според сегашниот закон ќе може да ја откупи за приближно 36.000 км, пишува Klix.ba. И прашање е кој би го уапсил. Во однос на спроведувањето на оваа пресуда, надлежност за апсење и извршување на казната имаат правосудните институции на Босна и Херцеговина. Доколку Судот на БиХ издаде налог за апсење, обврската за нејзино извршување паѓа на агенциите за спроведување на законот на државно ниво, како што се Државната агенција за истрага и заштита (СИПА) и други полициски структури. Министерот за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Рамо Исак изјави дека Додик ќе биде уапсен доколку Судот на БиХ тоа го побара од полицијата на Федерацијата БиХ. Сепак, со оглед на политичката позиција на Додик и поддршката што ја ужива во Република Српска, спроведувањето на пресудата може да наиде на практични и политички пречки. Додик веќе изрази противење на пресудата, нарекувајќи ја „прекршување на уставниот поредок во БиХ“.
„Меѓутоа, директорот на СИПА, Дарко Ќулум, е босански Србин, за кој во Бања Лука велат дека е лојален соработник на Додик. Ќулум ја водеше полицијата на РС со години пред да се пресели во државната агенција во Сараево. „Дали СИПА, под водство на Дарко Ќулум, навистина би се обидела да го уапси Додик, особено ако наиде на отпор од полицијата на РС“, пишува Frankfurter Allgemeine Zeitung. Кога станува збор за директорот на Службен весник на Република Српска, Милош Лукиќ, тој беше ослободен од обвиненијата.