Има две жртви од епидемијата на сипаници во Тексас и Ново Мексико, потврди американскиот министер за здравство Роберт Кенеди Џуниор на маргините на состанокот на владата. Претходно во средата, здравствените власти во Тексас го објавија првиот смртен случај од сипаници во САД во последнава деценија. Се работи за невакцинирано дете на училишна возраст, кое било хоспитализирано во градот Лубок. Од почетокот на годината, повеќе од 120 случаи на сипаници се регистрирани во Тексас и околу 10 во соседната држава Ново Мексико, што ги зголеми стравувањата за враќање на оваа многу заразна болест која беше речиси елиминирана во САД благодарение на вакцинацијата од 1960-тите.
Појавата на случаи на сипаници доаѓа откако стапките на вакцинација во САД се намалуваат по ковид пандемијата. Експертите предупредуваат дека трендот може да се влоши откако Роберт Кенеди Џуниор, кој постојано се сомневаше во безбедноста и ефикасноста на вакцините, ја презеде функцијата секретар за здравство. Пред создавањето на вакцина против сипаници во раните 1960-ти, САД регистрираа 3 до 4 милиони случаи годишно и 400-500 смртни случаи. Вирусната болест сè уште предизвикува десетици илјади смртни случаи годишно низ целиот свет.