Шилегов: Трамвајот во Скопје чека Владата да одобри пари за да почне да се гради

Објавено на 23.08.2019 во 17:45:00 часот | Македонија

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска најави дека во текот на денот до Владата ќе достават Информација за проектот Трамбај во Скопје, од каде чекаат пари за негова реализација. Шилегов рече дека веќе имал состанок со премиерот Зоран Заев, а оваа информација би требала да се најде на дневен ред на седницата на Економскиот совет кој треба да одлучи за финансирањето.

– Во вторникот оваа недела имав работен состанок со претседателот на Владата на тема јавниот сообраќај во Градот скопје. И бевме договорени Градот Скопје да изготви информација која што ќе биде доставена до Економскиот совет на Владата. Градот Скопје денеска ја изготви информацијата и во текот на денешниот ден ќе ја доставиме до Владата. Очекувам дека наредната недела претседателот на Владата ќе го свика Еконосмкиот совет за да го решиме финасирањето, изјави денеска Шилегов, кој присуствуваше на почетокот на реконструкцијата на улицата 23 Октомври (поранешната улица Владимир Комаров) во општината Аеродром.

Тој вели дека Градот е подготвен уште денес да ја започне постапката.

За изградба на трамвај во Градот се зборува повеќе од 30 години. По неуспешниот референдум кон крајот на 80 тите години, проектот го „оживеа“ поранешниот градоначалник на Скопје Трифун Костовски, а потоа и неговиот наследник Коце Трајановски кој два мандати управуваше со Градот но сите овие планови останаа само на хартија. Во јануари 2015 од  градската администрација рекоа дека „тендерот пропаднал, затоа што ниту една фирма не пројавила интрес за проектирање, изградба и финанисирање и стопанисување со лесниот шински превоз“, а советниците ја поништија Одлуката за воспоставување јавно – приватно партнерство за изградба на трамвај во Скопје.

Шилегов сега повторно ја актуелизира идејата. Според  проценките првата траса би чинела од  80 до 150 милиони евра.

 

 

loading...

 

Македонија

Свет