ЗА ДОБАР КУРТОН НАДАЛЕКУ СЕ СЛУША: ЕУ во 2016 г. предупредила дека „Инфомакс“ е проруски портал што се служи со теории на заговор и ултранационализам

Објавено на 25.08.2019 во 22:43:09 часот | Македонија

Според Извештајот на Генералниот директорат за надворешни политики на Европската комисија „Стратешки комуникации на ЕУ во борбата против пропагандата“ од 2016 година, „Инфомакс“ се вбројува меѓу локалните медиумски групи на Западниот Балкан што се означени како проруски, финансирани од Москва и кои се служат со комбинации на теории на заговор и ултранационализам, објави Цивилмедиа.

Во написот се вели дека ЕУ сериозно и систематски им приоѓа на прашањата поврзани со дезинформациите и пропагандата и јасно го идентификува изворот на оваа хибридна закана за стабилноста и безбедноста во Европа и во светот.

„Инфомакс е проруски продукт. Теориите на заговор и ултранационализмот, лажните вести и говорот на омразата се главнина на секојдневната продукција на овој и низа други медиумски групи во нашата земја. Тие се ноторни непријатели на фактите и професионалното новинарство, а нивните содржини не се разликуваат многу од оние што се под контрола на Вучиќ во Србија или на авторитарните и криминалните центри на моќ во некои други земји во Европа“, пишува Цивилмедиа.

Тие го цитираат Извештајот во кој на страница 12, пишува: „Постојат голем број медиумски групи финансирани од Москва (иако не отворено) кои го промовираат светогледот на Кремљ, честопати во комбинација со теории на заговор и српски ултранационализам. Ова вклучува периодични списанија и портали преку Интернет, како што се „Геополитика“, „Восток“, „Њуз фронт“, „Руски експрес“ и „Газета“. Не помалку важно, има локални медиуми што експлицитно го поддржуваат Кремљ („Правда“, „Печат“, „Ослобоѓење“, „Србин.инфо“, радиото „Снага народа“ и македонскиот портал „Инфомакс“), а про-Кремљ гледиштата се појавуваат и во дел од етаблираните печатени и електронски медиуми. На пример, неодамнешната колумна за „Политика“, најстариот српски дневен весник, од аналитичарот Мирослав Лазански, ги осуди откритијата на „Панама пејперс“ како напад од страна на САД врз Путин.“

Цивилмедиа заклучува дека „активностите на овие групи што се кријат за слободата на изразувањето и медиумските слободи се повеќе од очигледни низ секојдневни примери. Сепак, значајно е што една висока ЕУ институција во својот извештај го детектира ова прашање и го издвојува овој портал како таков. Како во Европа, така и во Северна Македонија, постојат релевантни институции и безбедносни структури чија задача е да се борат против овие закани. Во ЕУ веќе се спроведуваат одлучни мерки против хибридните закани по стабилноста и безбедноста што ги спонзорира режимот на Путин. Прашањето дали и Северна Македонија ќе се приклучи кон борбата против овие закани со конкретни мерки, останува отворено“.

Извор: 360 степени

 

 

* реклами:

loading...

 

Македонија

Свет